Одбележани 100 години од почетокот на Првата Светска војна
На церемонијата присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, одавајќи им на овој начин почит на 128-те илјади загинати Македонци во Првата светска војна...

Шефови на држави и на влади од цела Европа во Белгија присуствуваа на одбележувањето на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна. Главната церемонија се одржа во градот Лиеж кај Меморијалниот споменик посветен на војната, која почна со германската инвазија на земјата на 4-ти август 1914 година.
На церемонијата присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски, одавајќи им на овој начин почит на 128-те илјади загинати Македонци во Првата светска војна.
„Пријателството меѓу Франција и Германија докажува дека добрата волја може да го победи непријателството и ова треба да биде пример за надминување на кризите и почитувањето на меѓународното право“, рече францускиот претседател Франсоа Оланд.
Во 2017-та година на ова место ќе биде поставен споменик за сите жртви во Првата светска војна.
„Денес присуствуваат претседателот Оланд од Франција, германскиот претседател, принцот Вилијам и принцезата Кејт, како и многу други. За Конт, 70 години по отварањето ова ќе биде неговото осветување“, рече Оливие Хамал од Меморијалниот центар Конт во Лиеж.
Домаќинот, белгискиот премиер Еио ди Рупо изјави дека светот треба да им оддаде чест на жртвите од Војната и да се потсети на значењето на меѓународната соработка.
На настанот присуствуваа и белгискиот крал Филип, францускиот претседател Франсоа Оланд, германскиот претседател Јоаким Гаук и војводата и војвотката од Кембриџ, Вилијам и Кејт.
Ирина Гелевска
