Трамп: Европа треба да ја преземе главната улога во обезбедување мир во Украина
Оптимистички прогнози за смирување на тензиите по средбата Трамп – Макрон во Белата куќа. Сакаме да работиме заедно за мир во Украина, не на кревок договор, непријателствата би можеле да завршат за неколку седмици, порака од претседателите на САД и на Франција...

Ќе попушти ли јазот помеѓу Европа и САД? Оптимистички прогнози за смирување на тензиите по средбата Трамп – Макрон во Белата куќа. Сакаме да работиме заедно за мир во Украина, не на кревок договор, непријателствата би можеле да завршат за неколку седмици, порака од претседателите на САД и на Франција. Европа мора да ја има централната улога за долгорочната безбедност на Украина, дециден американскиот шеф на државата.
„Задоволен сум што претседателот Макрон се согласува дека цената и товарот за обезбедување на мирот мора да ги сносат европските нации, а не само САД и Европа мора да ја преземе таа централна улога во обезбедувањето долгорочна безбедност на Украина. И тоа не е многу голем чекор. Голем чекор е она што ќе се случи во текот на следните неколку недели“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Макрон доби уверување дека САД се подготвени да ја гарантираат безбедноста во Украина замена за нејзините рудници со ретки минерали. Мирот не смее да значи капитулација на Украина, Европа е подготвена да обезбеди безбедносни гаранции, вклучително и мировни сили, планот е разгледан со Велика Британија, изјави францускиот претседател.
„Кога зборуваме за војници, зборуваме за нивно испраќање откако ќе преговараме за траен мир. Значи, ова би било мирно распоредувања на војници, не за борба. Тоа би било распоредувања на сили за гаранција. Би биле ограничени. Зборував со сите наши сојузници, а има и европски и неевропски сојузници кои се подготвени и сакаат да учествуваат во тие напори“, Емануел Макрон, претседател на Франција.
Москва повеќепати предупреди дека е неприфатливо распоредувањето војска од земјите кои му испорачуваат оружје на Киев. Сепак, шефот на Кремљ прифаќа учество на Европа во решавање на конфликтот. Според Путин, главна пречка за мир е актуелното раководство во Украина и декретот со кој се забрануваат какви било директни преговори со Москва.
„Факт е дека актуелниот шеф на режимот во Киев останува токсична фигура за вооружените сили на Украина, бидејќи дава апсурдни наредби, диктирани не од воени, туку од политички размислувања. Поентата е дека тој ги избегнува овие преговори. Затоа што ако почнат преговорите, порано или подоцна, и најверојатно доста брзо, тоа ќе доведе до укинување на воената состојба. И штом тоа се случи тоа, мора веднаш да излезат на избори. И тука актуелниот шеф на режимот има проблем“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Советникот за Национална безбедност на САД, Мајк Волц, изјави дека идејата за влез на Украина во НАТО не е повторно на маса, и покрај понудата на украинскиот претседател да се повлече, во замена за членството во воениот сојуз. Претседателот Зеленски во говор на состанокот на Г 7 побара од Вашингтон да ја продолжи поддршката за Киев.
„Од самиот почеток на оваа војна, ние сакавме мир. И сега повеќе од кога било, веруваме дека е можен вистински и траен мир. Од суштинско значење е да работиме заедно, така што кога ќе преговараме со Русија, најсилните бранители на слободата да се на маса – Америка, Европа и Украина. Тука може да се случи вистински мировен договор“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот продолжуваат битките. По интензивните гранатирања од Русија во Украина, Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека полски воени авиони го прелетале воздушниот простор на земјата за да ја зголемат безбедноста.
Маријана Димовска
