Пониската цена на огревното дрво ја зголеми продажбата
Во 48- те складишта има на располагање повеќе од 36.000 кубни метри огревно дрво. Граѓаните уште од утринските часови ја договараат количината...

Се намали цената на буковото огревно дрво за 10 проценти. Попустот ќе трае два месеци до кога ќе може да се снабдат сите граѓани со огревно дрво. Дабот се продава по иста цена. Телефоните во складиштата на Македонски шуми постојано звонат. Од таму велат договорена е продажба на повеќе од 100 кубни метри дрва.
„Одзив на граѓаните има за намалување на цената“, вели Милка Косева од складиштето Караџица- Петровец.
Во 48- те складишта има на располагање повеќе од 36.000 кубни метри огревно дрво. Граѓаните уште од утринските часови ја договараат количината.
„Слушнавме дека порано беа поскапи, а сега се поевтини... Ќе земам најмногу пет кубика“, велат граѓаните кои ги затекнавме.
Иако е намален бројот на дрвокрадците од јавното претпријатие апелираат граѓаните да купуваат огревно дрво од легална сеча со жиг и со испратница.
„Сите оние кои склучиле договор со Македонски шуми и оние кои сакаат да купат дрво со намалена цена ќе бидат навремено снабдени и ќе им бидат количините испорачани навреме“, вели директорот на Македонски шуми, Тони Јованов.
Според пресметките државата годишно од нелегална сеча трпеше загуби од 200 до 250 илјади метри кубни. Инспекторите на Македонски шуми заедно со шумската полиција и МВР се постојано на терен. Се проверуваат пратките и се врши контрола при транспортот на огревно дрво. Со нелегалната сеча се правеше штета од над 10 милиони евра.
Цената на буковото огревно дрво се намали за 10%, а за социјално ранливите категории за 15%, со тоа што таа изнесува 2.134 денари за сите граѓани и 2.015 денари за социјално ранливите граѓани.
Дијана Ценевска
