Резолуциите го опипаа пулсот за мировните преговори
Во Обединетите нации поминаа две резолуции за Украина. Светот се подели околу начинот на кој може да се постигне мир во Украина. ЕУ и САД со различни видувања како и кој ќе ги води мировните преговори…

Светот се подели околу мирот во Украина со усвоените две резолуции во Обединетите нации. Едната предложена од Киев и поддржана од ЕУ со осуда на руската агресија и итно повлекување на руските сили. Втората предложена од САД, чиј ко-спонзор е и Македонија, бара брзо ставање крај на војната без осуда на Русија. Резолуциите немаат обврзувачко дејство, со нив се испитува пулсот за претстојните мировни преговори, односно кои отстапки би ги прифатиле двете страни, Русија и Украина, велат македонските дипломати.
„Европската резолуција инсистираше на враќање на териториите окупирани од страна на Русија, што значеше тешка и речиси невозможна мисија, и со други зборови продолжување на војната. Од друга страна резолуцијата на нова администрација на Трамп едноставно констатира дека треба да се заврши со војната и не го споменува враќањето на териториите“, вели поранешниот амбасадор Нано Ружин.
Македонија е на страната на САД во случајот со Украина и мировните преговори, оти иако е меѓу најголемите донатори за Украина, сепак доколку оваа држава се стави на брза патека за членство во ЕУ, кандидатите од Западниот Балкан ќе бидат ставени во втор план.
„Уште се наоѓаме во рана фаза од разговорите околу мировниот процес, она што сега се случува е нормално дека се прибираат идеите и позициите, со цел да се исцрта полето каде што ќе биде можен компромис, како и местата каде во моментов се разминуваат ставовите. Потоа треба да се седне и да се најде излезно решение“, изјави поранешниот амбасадор Ивица Боцевски.
ЕУ и САД со различни видувања како и кој ќе ги води мировните преговори за Украина, но согласни се дека по крајот на војната, мора да се помогне за изградба на земјата.
Ирина Гелевска
