По Нови Сад, денес опозицијата и полицијата се судрија во Зајечар
Блокирана работата на градското Собрание во Зајечар, граѓани и опозицијата се обидоа да влезат во зградата, но беа спречени од голем број полицајци...

Граѓани и опозицијата на Зајечар денеска ја блокираа работата на градското Собрание и се обидоа да влезат во зградата, но беа спречени од голем број полицајци. Дојде до физичка пресметка меѓу полицијата и демонстрантите, а беше фрлен солзавец и бибер спреј кон демонстрантите, како и јајца кон полицијата.
Протестот се случи заради наводната корумпираноста на градските власти, кои преговараат со кинеската компанија Зиџин за понатамошна соработка во рударството, без учество на јавноста.
Вчера при изборот на нов градоначалник дојде до физичка пресметка на опозицијата и полицијата пред Собранието на Нови Сад, по што 5 опозициски пратеници се уапсени. Минатата недела физичка пресметка имаше и пред Собранието на Краљево, кога полицијата со кордон го извлече градоначалникот кој беше гаѓан со јајца.
Паралелно, по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград, а врз основа на сомнежите во врска со работата на УСАИД од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, полицијата утрово влезе во канцелариите на неколку невладини организации за да собере докази за можна злоупотреба на средствата на УСАИД.
„Прекумерната концентрација на средства на сметките на неколку невладини организации или поврзани консултантски фирми во Србија, заедно со нетранспарентен процес на распределба на средства само за тесен круг на невладини организации и отсуството на сеопфатни финансиски извештаи, укажува на постоење на основа за сомневање за законитоста на трошењето на средствата на УСАИД. Поради ова побарана е помош од американското Министерство за добивањето докази, обезбедување информации и наоди од експерти“, изјави Ненад Стефановиќ-главен јавен обвинител.
Под истрага се Центарот за истражување, транспарентност и отчетност-ЦРТА, Граѓанската иницијатива, Центарот за практична политика и Фондација Траг, од каде порачаа дека ова е сериозен напад врз основните граѓански права и континуиран незаконски притисок врз граѓанското општество во Србија.
Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ
