Македонија

Охридскиот аеродром ќе се реконструира за првпат откако е изграден

25.02.2025 17:30

Реконструкцијата на аеродромот „Св. Апостол Павле“ ќе донесе низа придобивки за туризмот. Се очекува пораст на бројот на туристи и прометот во авиосообраќајот…

Модернизацијата на аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид позитивно ќе влијае на развојот на туризмот. Се очекува зголемување на бројот на патници а со тоа и зголемен промет од авиосообраќајот. Според проектот вреден 2,7 милиони евра ќе се гради нова административна зграда, но и целосна реконструкција и адаптација на постојната терминална зграда на површина од 2.000 метри квадратни.

„Она што е важно е дека и покрај тоа што аеродромот е во добра состојба, најавената реконструкција ќе ги подобри условите во голема мерка и ќе обезбеди капацитети за уште поголемо планирање на бројот на патници кои пристигнуваат на охридскиот аеродром. Што значи добри вести, придружено со новите чартери кои ги најави Владата, мислам Охрид ќе се позиционира регионално, вели професорот Сашо Коруновски.

Охриѓани го поздравија овој проект, велат аеродромот е првата слика за туристите и треба да има достоинствени и современи услови како што му доликува на една туристичка метропола.

Ова ќе биде првата реконструкција откако аеродромот е изграден во далечната 1953-та. Градежните зафати се очекува да завршат до март 2026-та година.

 

Соња Рилковска