Турската компанија „АКСА Енерџи“ заинтересирана да инвестира во енергетиката
За изградба на секундарна гасоводна и топловодна мрежа, за инвестиција од над милијарда евра во енергетиката е заинтересирана турска компанија. Претставници од „АКСА Енерџи“ беа на разговори со премиерот Мицкоски и неговиот економски тим во Владата …

Турската компанија „АКСА Енерџи“ има интерес да инвестира во земјава. Планот за вложување над милијарда евра го претстави на Владата. Изградба на гасоводна и топловодна мрежа, бесплатен приклучок до домаќинствата, пониска цена на природниот гас од берзанската.
„Ќе и олесни на земјата да има поодржливо и посигурно обезбедување електрична енергија и топлинска енергија и производство на електрична струја што ќе биде корисна за луѓето на Македонија“, изјави претставник на „Казанчи Холдинг“.
Според премиерот Мицкоски инвестициите во енергетиката се гаранции и зацврстување на енергетската независност во земјава, како и придонес и за намалување на загадувањето.
„Станува збор за когенеративни централи со 500 мегавати инсталиран капацитет кој би произведувале теоретски годишно 4,1 терават часови електрична енергија и околу 720 гигават часови топлинска енергија на годишно ниво“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на Владата.
Се бара модалитет сè уште се преговара начинот на кој ќе се реализира инвестицијата, дали ќе биде целосно приватна или ќе учествува и државата – велат од Владата. Премиерот најави, во март ќе биде потпишан договор за почнување на изградбата со интерконекторот со Грција, вели има компанија која на тендерот доставила најдобра понуда, и зелено светло од европските банки за финансирање. Низ јужниот интерконектор треба да протечат три милијарди метри кубни гас годишно.
Андријана Ѓурческа