БЛИСКИ ИСТОК

Неизвесна втората фаза од примирјето на Блискиот Исток

26.02.2025 09:15

Израелските медиуми објавија дека се водат неформални разговори за продолжување на првата фаза од 42-дневниот прекин на огнот, кој истекува во сабота...

Хамас повтори дека доцнењето на израелското ослободување на околу 600 палестински затвореници претставува сериозно кршење на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа. Израелските медиуми објавија дека се водат неформални разговори за продолжување на првата фаза од 42-дневниот прекин на огнот, кој истекува во сабота. Во Советот за безбедност на Обединетите нации, дебата за тековниот конфликт на Блискиот Исток.

„Како резултат на прекинот на огнот, земјите од Блискиот Исток имаат историска можност да го преобликуваат регионот на начин што ќе му овозможи на својот народ подобар пат напред. Соединетите Држави ќе го направат својот дел за да создадат попросперитетна иднина за сите луѓе во регионот“, изјави Дороти Шеа, заменик постојан претставник на САД во ООН.

„Нашата историја е исполнета со војни за кои Израел вети дека ќе бидат одлучувачки, а не беа, на масовно присилно раселување кое требаше да стави крај на палестинското прашање, а тоа не го направи. Идејата дека повеќе неправда, бруталност и повеќе угнетување, ќе доведат до мир, е лудило. Нема воено решение за овој конфликт. Само политички“, изјави Ријад Мансур, постојан набљудувач во Обединетите нации, Палестина.

„Слушаме изјави кои прават паралела меѓу Израел и Хамас, како ова да е симетричен конфликт, но не е. Верувајте ми, што и да се случи, нашата посветеност за ослободување на сите заложници и целосно искоренување на Хамас е непоколеблива“, изјави Дени Данон, претставник во Обединетите нации, Израел.

Официјалните преговори со меѓународно посредство за втората фаза, која би вклучила целосно повлекување на Израел од палестинската територија, требаше да почнат пред неколку недели, но постојано беа одложувани поради кревкото примирје.