Свет

Украина и САД постигнаа договор за минералите

26.02.2025 09:30

Украина постигна договор за ретки минерали со САД. Зеленски в петок патува за Вашингтон на средба со Трамп. Предупреди дека договорот мора да содржи јасни безбедносни гаранции на САД и дека Украина сака да биде рамноправен партнер, а не должник…

Украина и САД постигнаа договор за минералите. Зеленски в петок патува за Вашингтон на средба со Трамп. Предупреди дека договорот мора да содржи јасни безбедносни гаранции на САД и дека Украина сака да биде рамноправен партнер, а не должник…

По затегнатите односи меѓу Киев и Вашингтон кои доминираа изминатите неколку дена, на повидок долгорочно партнерство. Украина се согласи со условите на договорот за експлоатација на минералните резерви со САД, а приходите да одат на заеднички фонд. Спогодбата не содржи американски безбедносни гаранции или континуирана испорака на оружје, но наведува дека САД сакаат Украина да биде слободна, суверена и безбедна земја. Зеленски в петок патува во Вашингтон на средба со претседателот Трамп кој изјави дека е заинтересиран да купува минерали и од Русија.

„Слушнав дека доаѓа во петок. Секако дека немам ништо против ако тоа го сака. Јас разбирам дека тоа е голема работа. Може да биде зделка од трилиони долари. Значи сакаме да бидеме обезбедени. И мислам дека американскиот народ – дури и ако ги погледнете анкетите – тие се многу среќни, бидејќи, знаете, Бајден фрлаше пари наоколу како да се бонбони. Сакаме да ги вратиме тие пари. Ние и помагаме на земјата низ многу, многу голем проблем кој не требаше да се случи. Затоа мораме да го исправиме. Американскиот даночен обврзник сега ќе си ги врати парите“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Со договорот, украинските власти се надеваат дека ќе ги подобрат односите со администрацијата во САД и ќе се отвори патот за долгорочна безбедносна посветеност. Претседателот Зеленски ги истакна тековните дипломатски напори на Украина и континуираната поддршка од меѓународните партнери.

„Ние длабоко цениме што нашите партнери не само што ја продолжуваат својата поддршка, туку и ја зголемуваат, помагајќи ни да постигнеме мир побрзо. Овој мир мора да биде праведен и да гарантира дека агресијата никогаш повеќе нема да се повтори. Активно се подготвуваме за состаноци, договори и преговори. Украина мора да биде силна за да може да функционира дипломатијата“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

По францускиот претседател, во САД патува и британскиот премиер на дискусии за тековната војна и можноста за испраќање мировни сили во Украина во случај на прекин на огнот со Москва. Пред состанокот со американскиот претседател Стармер вети дека ќе ги зголеми трошоците за одбрана на 2,5 насто од бруто домашниот производ до 2027 година.

„Претседателот Трамп мисли дека треба да направиме повеќе. И јас се согласувам со тоа. И под повеќе, мислам повеќе способност, повеќе координација, повеќе трошење. И ние мораме да ги научиме лекциите од конфликтот, особено кога станува збор за способноста и координацијата. Војната во Украина сега се води на многу поинаков начин од пред три години“, истакна Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

Објавата следува во време кога европските земји се обидуваат да ја зајакнат колективната одбрана додека Трамп ја трансформира американската надворешна политика. Британскиот премиер претстојниот викенд ќе биде домаќин на средба на неколку шефови на држави на сојузничките земји за Украина.

 

Маријана Димовска