УКРАИНА

САД и Украина се договорија за експлоатација на ретки минерали

26.02.2025 18:02

Зеленски в петок патува во Вашингтон на средба со претседателот Трамп. Украина се согласи со условите на договорот со САД за експлоатација на минералните резерви. Претходно и Европската унија понуди сопствен договор за критичните материјали кои би биле од полза и за Киев и за Брисел.Од Кремљ потврдија дека е подготвен теренот за разговори на експертско ниво меѓу Русија и Соединетите држави...

Украина се согласи со условите на договорот со САД за експлоатација на минералните руди. Економската спогодба не содржи американски безбедносни гаранции или континуирана испорака на оружје, но наведува дека САД сакаат Украина да биде слободна, суверена и безбедна земја. Зеленски в петок патува во Вашингтон за да го потпише 25-годишниот договор.

„Слушнав дека доаѓа во петок. Секако дека немам ништо против ако тоа го сака. Јас разбирам дека тоа е голема работа. Може да биде зделка од трилиони долари. Значи сакаме да бидеме обезбедени. И мислам дека американскиот народ – дури и ако ги погледнете анкетите – тие се многу среќни, бидејќи, знаете, Бајден фрлаше пари наоколу како да се бонбони. Сакаме да ги вратиме тие пари“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Шефот на Белата Куќа изјави дека е заинтересиран да купува минерали и од Москва откако рускиот претседател Путин им понуди на САД можност за заедничко истражување на наоѓалиштата. Од Кремљ велат дека се подготвуваат за разговори на експертско ниво меѓу Русија и Соединетите Држави како продолжување на состанокот во Ријад.

„Постои разбирање дека средбата меѓу Путин и Трамп треба да се одржи и постои разбирање дека треба да биде добро подготвена. Во тек се контакти на експертско ниво преку Министерството за надворешни работи, така што наскоро ќе дојде до подготовка на највисоко ниво. Доколку е потребно, може да има телефонски разговор меѓу Путин и Трамп. Дијалогот е обновен“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

И Европската унија понуди сопствен договор за критичните материјали на Украина. Според Брисел, 21 од 30 ретки материјали што и се потребни на Европа може да бидат обезбедени од Украина во партнерство кое било од полза за сите. Најбарани се титаниумот и литиумот, но 40 насто од можните ископи се територијата контролирана од руските сили. Вредноста на минералите во Украина е процената на околу 12 трилиони долари.

„Ние длабоко цениме што нашите партнери не само што ја продолжуваат својата поддршка, туку и ја зголемуваат, помагајќи ни да постигнеме мир побрзо. Овој мир мора да биде праведен и да гарантира дека агресијата никогаш повеќе нема да се повтори. Активно се подготвуваме за состаноци, договори и преговори. Украина мора да биде силна за да може да функционира дипломатијата“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Францускиот претседател преку видео-конференција ги информираше лидерите на ЕУ за неговите разговори со Трамп. По Макрон, во САД патува и британскиот премиер Стармер. Веќе не се зборува за европските мировници, туку за демилитаризирана зона меѓу Донбас, делови од дњепарското поречје и Крим и останатата украинска територија.

 

Маријана Димовска