Злоупотребен фудбал!
За жал, таков е македонскиот клупски фудбал. За жал во него сите жалат по крајот, никогаш или ретко кој пред настанот. Затоа и денеска реакции...

Не! Нашиот фудбал не е толку содржински за во еден натпревар или пак во едно коло да има се. Пресврт, изенадувања, инциденти и од играчки аспект главно неквалитет. Фудбалот е за бројки, за титули, за иновации во играта. Кај нас сепак, има поинакви трендови. Уште една сезона тргна непосакувано. Со немили сцени на дербито меѓу Пелистер и Вардар. Од стадионот каде што никна најголемото ривалство во нашиот спорт, од вчерашното дерби нема да паметиме ништо фудбалско. Ништо од играта, многу малку од резултатот. Ќе ги паметиме несфатливите сцени со повредени навивачи на Вардар откако одекна експлозија од трибината на којашто беа сместени „Комитите“. Ќе ги паметиме мачните сцени и вчудовидените ликови на сите на стадионот. А завршницата? А играта? Шанси и голови и така имаше малку!
За жал, таков е македонскиот клупски фудбал. За жал во него сите жалат по крајот, никогаш или ретко кој пред настанот. Затоа и денеска реакции. Фудбалскиот клуб „Вардар“ ги осудува немилите настани и очекува Фудбалската федерација на Македонија да ги преземе потребните мерки за спречување инцидентни ситуации коишто го уриваат угледот на македонскиот фудбал. „Вардар“ изразува и незадоволство од организацијата на мечот.
Во своето соопштение, пак, Федерацијата вели дека заедно со клубовите направила се што е потребно натпреварот да биде празник на фудбалот. ФФМ потсетува дека сите фудбалски чинители треба строго и доследно да ги почитуваат превентивните мерки од надлежните институции и тела. Фудбалската федерација очекува од клубовите да бидат сојузници во спроведувањето на мерките чија цел е да се искорени проблемот со нередите на спортските борилишта. „Нека не обедини радоста, а не омразата“, апелира ФФМ!
Но за да се оствари крајната цел, да имаме вистински фудбал или вистински спорт воопшто, не треба да ги елиминираме само големите, туку сите инциденти. Вербалните вулгарности, политичките, националните и верските навреди речиси без исклучок водат кон физичко насилство. А во такви услови, кому воопшто му е до фудбал! Злоупотребен фудбал!
