Во Кривичен денеска продолжи судењето за двојното убиство, сведокот на Палевски даде исказ пред судот
Во Кривичен суд денеска продолжи судењето за убиствата на младата Вања и велешанецот Панче. Одбраната на обвинетите ги презентираше своите докази. Сведокот на Палевски даде исказ пред судот...

Палевски сакал да купи ирански дронови. Наводно, нивниот внес во земјава го договарале преку „Телеграм“ утрото кога е убиена Вања. Ова го тврди сведокот Зоран Петковски, кој бил член на Комисијата за безбедност во партијата „Десна“ и кој пред судот рече дека кобното утро разговарал со првообвинетиот. Сведокот тврдеше и дека признанието на Боре Видевски, полицијата го обезбедила со ќотек. Тоа му го кажал инспекторот кој му покажал дупка во ѕидот во неговата канцеларија, наводно направена од Видевски. Петковски, иако знаел дека е незаконски, сепак го снимил разговорот со инспекторот во полициската станица. Одбраната побара снимката да се изведе како доказ, но судот одби со образложение дека е незаконски прибавена.
Адвокатот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски достави до судот решенија за платен данок на имот за два стана за кои тврди дека се сопственост за неговите ќерки. Затоа според одбраната неосновано е тврдењето дека татко им сторил дело од користољубие.
Со процесот се опфатени петмина, им се суди за убиството на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.
Анита Димитријевска – Велковска
