Евроинтеграции

Вајц: Брисел и Софија со јасни изјави да гарантираат дека нема да има нови барања на евроинтегративниот пат

26.02.2025 15:33

Проширувањето на Европската Унија со нови земји-кандидатки е долг процес, смета новиот известител во Европскиот Парламент, Томас Вајц. Во интервјуто за „Агенда 35“ со порака-за да се надмине проблемот меѓу Скопје и Софија, ни требаат јасни изјави од Европската комисија и од Советот, но и од бугарската влада дека билатералните прашања не се дел од процесот и дека нема да има нови барања...

Проширувањето на Европската Унија со нови членки е долг процес, но Брисел не се откажал од приемот на земјите од Западен Балкан. Според европратеникот и нов известувач на Европскиот Парламент за Македонија, Томас Вајц, недоразбирањата меѓу Скопје и Софија треба да се надминат со дијалог.

Во интервју за „Агенда 35“ рече дека Бугарите треба да се внесат во македонскиот Устав, но од друга страна, Брисел и Софија со јасни изјави да гарантираат дека нема да има нови барања на евроинтегративниот пат.

„Факт е дека додека билатералните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија се еднаков дел од преговарачкиот процес, ќе ни треба јасна изјава од Европската комисија и од Советот. Исто така, потребна ни е изјава и од бугарската влада, но со вклучено бугарско малцинство во Уставот. Билатералните прашања треба да бидат решени со приемниот процес, треба да бидат исполнети, за да нема дополнителни барања во однос на пристапниот процес. Кога станува збор за соседски односи, ова е долг процес“, изјави Вајц.

Скопје и Софија и натаму на дијаметрално спротивни страни. Македонија останува посветена на заштитата на своите национални интереси и идентитет, но сме подготвени да разговараме, вели премиерот Мицкоски за деблокадата на евроинтегративниот процес.

Лидерот на СДСМ Филипче, владината надворешна политика ја оцени како некозинстентна. Смета дека го напушта курсот на Европската Унија и дека премиерот дејствува како залутан играч на меѓународната сцена.

Посетите на релација Брисел-Минхен-Вашингтон можност за претставување на нашите напори на патот кон ЕУ и потребата Унијата повеќе да се заложи за македонските интеграции.

Во меѓувреме, земјава се подготвува за состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-Европска Унија, кој претставува можност за продлабочување на дијалогот и зацврстување на заедничката заложба за нашата европска иднина.

Милчо Велески