Партиски обвинувања

Мицкоски му одговори на Филипче: Средствата од унгарскиот заем се трошат наменски

26.02.2025 17:15

Економијата во фокус на опозицијата. Лидерот на СДСМ денеска на прес-конференција излезе со обвинувања дека парите од унгарскиот кредит предвидени за бизнисот се трошат за други намени. На ова реагираше и премиерот Мицкоски …

Владата многу зборува, но има малку резултати, став на првиот социјалдемократ Венко Филипче искажан на прес-конференција. Македонската економија се движи во погрешна насока, наместо напредок има неконтролирано трошење, пад на инвестициите и намалување на животниот стандард. Во првите два месеци од 2025-та година, реализацијата на капиталните инвестиции е само 2,43%, а буџетскиот дефицит изнесува рекордни 7,8 милијарди денари – вели Филипче и посочува оти трошоците на живот во јануари се зголемени за 4,9%, а индексот на цени на мало пораснал за 5,2%. Се осврна и на унгарскиот кредит. Вели наместо на компаниите владата парите ги троши за други потреби.

Владата има донесено уредба со која точно се дефинирани начините како можат да се користат парите од унгарскиот кредит. Нема основа за шпекулации за нивно ненаменско трошење – реплицира премиерот Мицкоски. И да сакаме-не можеме, Владата донесе уредба, одредени се начините како можат да се трошат средства од кредитот, рече тој.

И додека Филипче вели дека економската неизвесност станува сè поголема, Мицкоски возвраќа оти опозицијата може сешто да каже, но за сè што е кажано треба да постојат и докази.

Миле А. Ристески