Ограничени маржи

Инспекторите ги чешлаат трговците

26.02.2025 17:27

Дел од трговците сè уште не ја почитуваат одлуката на владата за намалување на цените. Од Пазарниот инспекторат велат дека постојано се на терен. Предупредувањата завршија, сега ќе следуваат казни...

Ограничените цени и маржи сè уште не им носат заштеди на граѓаните во домашниот буџет. Велат на производите обележани со ознака „помалку трошоци, повеќе за тебе“ не се гледа реалното поевтинување. Денар до два на некои артикли нема ефект за подобар животен стандард.

„Нема ништо намалено, по едно денарче, само етикетата е ставена, толку“.

„Нема никакво намалување, само поскапени, а ставени налепници дека е намалено“.

„На некои денар, па не ни требало да го намалат тој денар“.

„Само на млекото, друго ништо“.

„Незначително, 5 или 10 посто намалено ама тоа не го решава проблемот“.

„На прехранбените помалку, на производите за широка потрошувачка повеќе“.

„Ништо, по некое денарче на артикл, мизерно“, изјавија анкетирани граѓани.

Од Пазарниот инспекторат потврдуваат дека некои маркети не ја почитуваат целосно владината одлука за намалени цени. Инспекторите се на терен, се чекаат анализите. Контролите утврдиле дека поголемите трговски синџири подобро успеваат во ценовната политика, наспроти помалите.

Зошто маркетите се однесуваат некоректно кон потрошувачите – побаравме став од новоформираната Комора на трговци. Не одговорија на телефонските повици и пораки. Но се чини не се предаваат во обид да ја заштитат касата, картелско се здружуваат во кроење на политиките за да го спасат профитот. Владата со став, секој оној кој не го почитува законот, ќе одговара.

„Секој оној којшто мисли дека со трикови ќе се служи има закон и ќе сноси одговорност соодветно на законот. Сите оние коишто мислат дека картелски ќе се здружуваат има закон и ќе бидат одговорни пред законот. Сите оние коишто мислат дека на грбот на народот ќе се богатат, тоа ние како влада нема да го дозволиме“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на Владата.

Комисијата за заштита на конкуренцијата потврдува дека се води постапка против синџир маркети и Сојуз на стопански комори. Детали не откриваат, за МТВ велат допрвин комисијата ќе излезе со конкретните наоди. Трговски субјекти може да се соочат со казна од 10 насто од вредноста на вкупниот профит остварен лани, согласно Законот за заштита на конкуренцијата.

Повеќе од педесетина тимови на пазарниот инспекторат деновиве проверуваат дали во маркетите се почитува владината одлука за намалување на цените на основните прехранбени производи. Непочитувачите се соочуваат со казни од 500 до 10 илјади евра.

 

Андријана Ѓурческа