Македонија

Советот на јавни обвинители ја чека предлог-одлуката за разрешување на Коцевски

26.02.2025 16:29

Ставот на највисокото обвинителско тело не е обврзувачки за Владата. Откако Советот на јавни обвинители ќе го достави мислењето до „Илинденска“, Владата ќе побара за ова прашање да се изјасни Собранието.

Советот за јавни обвинители ја чека предлог-одлуката за разрешување на државниот обвинител Коцевски, откако вчера помина на владина седница. Од Владата велат ќе биде доставена во наредните неколку денови.

Советот има рок од 15 дена да закаже седница на која ќе ја разгледуваат, и уште дополнителни 15 за да дадат позитивно или негативно мислење. Во меѓувреме, тие, предлог-одлуката ќе ја достават до државниот обвинител, кој најави дека дури тогаш ќе се изјасни по предлогот на Владата, која се повика на членови од Законот за јавни обвинители, во кои меѓу другото е наведено дека државниот обвинител може да биде сменет пред истекот на мандатот ако стори тешка дисциплинска мерка.

Ставот на највисокото обвинителско тело не е обврзувачки за Владата. Откако Советот на јавни обвинители ќе го достави мислењето до „Илинденска“, Владата ќе побара за ова прашање да се изјасни Собранието.

Законодавниот дом го има последниот збор. Предлог-одлуката за разрешување на државниот јавен обвинител ќе се смета за усвоена доколку за неа гласаат 61 пратеник, односно просто мнозинство.

Разрешувањето на Коцевски е внатрешно прашање и ние не се мешаме во тоа. Франција и ЕУ силно ги поддржуваат реформите во правосудството-став на францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер.

И додека опозицијата обвинува за партизација во судството, премиерот Мицкоски смета дека лоцирањето на одговорноста е прв чекор во реформите во правосудниот систем.

Марина Стојанова-Тонева