Надворешна политика

Резолуции за Украина: Различни толкувања за одлуките

26.02.2025 16:01

Гласањето на Македонија за резолуцијата за Украина во Обединетите нации беше за нас неочекувано, коментираше денеска францускиот амбасадор Ле Риголер. Унитарноста на Европа ја одредува иднината на следните генерации, порача амбасадорот. Венко Филипче, лидерот на СДСМ, оцени- надворешната политиката на актуелната влада е без компас и додаде дека ќе беше подобро да гласавме и за американската и за европската резолуција. Оптиката на песочните плажи не е иста со состојбата во Македонија за опозициските лидери, ако не се разбудат уште долго време ќе бидат во опозиција, одговори претседателот на Владата, Мицкоски.

Излегувањето од конфликтот е важно, но многу поважна е унитарноста на европскиот пристап кон територијалниот интегритет, суверенитет и идентитет на Украина, француски став искажан од амбасадорот Ле Риголер по македонското гласање на американската резолуција.

„Гласањето на Северна Македонија во Њујорк за нас беше неочекувано. Оваа тема бара единствен и обединет европски одговор. Целта на европската дипломатија е да се одржи таа унитарност и да се има ист, заеднички пристап што ќе обезбеди безбедност на европскиот континент за наредните години и децении, за нас и нашите деца“, изјави Кристоф ле Риголер-амбасадор на Франција во Македонија.

Надворешната политика на актуелната влада е без компас, коментираше лидерот на социјалдемократите Филипче. Ќе било многу подобро доколку Македонија гласаше и за двете резолуции во Обединетите нации.

„Наместо да се однесуваме како држава со конзистентна надворешна политика, владата делува како залутан играч и прави екскурзии и притоа без причина ја напушта европската надворешна стратегија. И додека поголемите европски земји тактички балансираа помеѓу големите сили, Македонија со недоследноста ризикува да биде маргинализирана во европските политички кругови“, изјави Филипче.

Што сè не се изнаслушав во последните години, возврати Мицкоски. Повтори уште еднаш дека резолуцијата донесена во Советот за безбедност е задолжителна за разлика од европската. Ме обвинуваа дека сум анти-НАТО, анти-Америка, проруски, сега им пречи нашата исклучително добра соработка со администрацијата на претседателот Трамп, рече Мицкоски.

„Жалам што политиката од оптика на топлите и песочни плажи и политиката од оптика овде во Македонија не е иста, па можеби некои од опозициските лидери сè уште живеат на топлиот песок и гледаат со тие очила и со таа оптика. За жал сè уште неразбудени од сонот дека се опозиција и дека уште долго време ќе бидат опозиција“, нагласи Мицкоски.

На изјавата на Филипче реагираше и македонското МНР. Покажал недоволно познавање на меѓународната политика и суштината на носење стратегиски одлуки. Македонскиот став е изграден по редица дипломатски контакти и анализи во координација со стратегискиот сојузник-САД се вели во реакцијата во која истовремено се поддржува суверениетот и територијалниот интегритет на Украина.

Зоран Богатинов