Светската јавност алармирана за проблемите со сурогат-родителството

04.08.2014 16:44

Тажната судбина на малиот Гами, роден со даунов синдром, ја алармираше светската јавност за проблемите со сурогат-родителството. Напуштен од родителите Австралијци, љубовта што му е потребна на секое дете ја најде во тајландското гето, кај сурогат мајката.

Русокосо момченце со коси очиња, симптом на даунов синдром и една приказна дека крвната врска не е секогаш најсилната љубов. 7-месечниот Гами дели чудна судбина со 21-годишната Џанбури, неговата сурогат мајка. Родителите Австралијци го напуштиле бидејќи не бил совршен, а со себе ја земале неговата целосно здрава сестричка. И покрај сиромаштијата, младата Џанбури, која веќе има две свои деца, не се откажа од него. Гами може да се надева на среќна иднина во Тајланд.

„Не се налутив и не ги мразев. Им простувам и посакувам да го сакаат нивното девојче исто како што ние го сакаме Гами“, вели Патрамон Џанбури, сурогат мајка.

Приказната почнува на Фејсбук. Џанбури, сиромашна и во долгови, контактира со агенција што ја поврзала со австралиската двојка. И ветиле 16 илјади долари за да ги роди нивните две близначиња. Но во вториот месец од бременоста, лекарите забележале проблеми кај братчето.

„Рекоа дека ќе ми дадат инјекција што ќе го убие бебето и ќе го извадат со царски рез. Ги прашав дали мислат дека се хумани“, вели Патарамон Џанбури, сурогат мајка.

Гами има и вродена маана на срцето, а Џанбури нема пари за операцијата. Но веста, преку медиумите трогна многу добродушни луѓе, кои веќе собраа 200 илјади долари за помош на малиот Гами.

„Би сакала да имам куќа. Не мора да биде голема. Сакам бебето да живее во добра и удобна куќа“, вели Џанбури.

„Ова илустрира некои од дупките во овој бизнис. Приказната е премногу тажна, жал ми е да помислам дека дете може да биде напуштено на тој начин’, рече Тони Абот, премиер на Австралија.

Тајланд е мека за богатите кои бараат сурогат мајки, а законодавството во ваквите сложени случаи не е неговата најсилна страна. Џанбуи смета дека целата ситуација е грешка на возрасните и тие треба да ја решат. Таа за себе може да каже само дека малиот Гами нема да остане сам.

Ивана Салтировска