ДКСК казни поранешни и актуелни функционери, го прекршиле Законот за спречување корупција
Поранешниот собраниски спикер Џафери, бегалецот Груби и уште неколку други функционери се најдоа на листата на Антикорупциската комисија, кои сториле прекршоци и не го почитувале Законот за спречување корупција …

Имињата на Артан Груби, Талат Џафери, Изет Меџити се најдоа меѓу поранешните и актуелни функционери кои заработија парични казни од Антикорупциска поради тоа што не го пријавиле имотот, не доставиле документи во предвиден рок или не се изземале во одредена постапка. Вкупно 86 поранешни пратеници, директори на јавни институции, министри, декани, членови на управни одбори заработија казни од 200 до 500 евра.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е во бегство, и поранешниот прв човек во здравството Фатмир Меџити ќе треба да платат казна во висина од 200 евра затоа што не доставиле документација, казна од 300 евра за непријавување на данок по престанокот на функцијата заработи и поранешниот технички премиер, претседател на собранието и актуелен пратеник Талат Џафери, но и пратеникот од „Левица“, Борислав Крмов, затоа што по престанок на функцијата пратеник не поднел изјава за имотна состојба, неговата сопартијка Јована Мојсовска ќе плати исто толку бидејќи по изборот за пратеник не поднела изјава за имотната состојба.
Актуелниот вицепремиер Изет Меџити заработи казна од 300 евра поради тоа што не поднел изјава за имотната состојба до ДКСК по избор на функцијата пратеник во Собранието.
300 евра казна и за претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски, бидејќи според антикорупционерите ја прекршил забраната за користење на грант заеми, односно финансиска поддршка.
Поранешната директорка на „Козле, Каролина Симоновска на овој список се најде два пати. Таа ќе треба да плати 600 евра бидејќи по престанокот на функцијата в.д директор во јавна здравствена установа – Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле, не поднела изјава за имотна состојба и интереси до ДКСК, Симоновска и по изборот на функцијата не поднела изјава за имотна состојба.
Викторија Милевска
