Македонија авангардна за Французите!
Толку многу чуда на едно мало парче земја во срцето на Балканот, е напис во француското списание „Elle“. Опишувајќи ја Македонијаи нејзините убавини, таму се наведени и петте главни причини поради кои треба да се посети Македонија. Дали ова ќе биде првиот чекор за помасовна посета на Французите...

Во срцето на Балканот постои една мала земја која вреди да се посети. Во неа има се што ќе посака да види или да вкуси еден турист. Нејзините скриени адути ќе го разубетат секој што мисли дека знае се, испробал се, или видел се.
Вака е претставена Македонија во француското високотиражно списание „Elle“, во кое се наведени и пет причини поради кои треба да се посети оваа прекрасна земја.
Природата- тоа е првиот впечаток во кој е опишана недопрената природа, езерата, планинските масиви, водопадите, ендемската флора и фауна.
А да не говориме за богатото културно-историско наследство. Не постои земја во светот која што има такво разноликот од историски периоди, чии споменици ,како секоја цивилизирана нација си ги задржала како културна вредност-православни манастири, византиски цркви, отомански џамии.
„Луѓето се навистина гостопримливи, имате прекрасни планини, се наоѓаме тука пред Охридско езеро и се разбира културата, пред се културното наследство кое што го нуди Македонија, пред се црквите од Византиски стил кој што ги имае многу и во Охрид, меѓутоа и Скопје како град што има што да покаже“, вели Анжелик Лере, аташе во Францускиот институт во Скопје.
Репортерот на „Elle“ ќе дополни- Македонија вреди да се посети заради бисерите и скапоцените камења. Охридските бисери, штом ги имаат англиската кралица и други светски дами, сигурно се нешто премногу вредно. Прилепскиот рубин пак, со специфична розева боја допрва ќе се пробива на светските берзи. А, храната! Едно чудо од здрави домашни специјалитети.
„Најинтересно за нив би била можеби домашната Македонска кујна, приготвување на домашна храна во природни амбиенти“, вели Елизабета Попоска- од туристичка агенција во Струга.
Пити, сирења, ајвар, вино, овошје. Како Бог да ја определил оваа земја за експериментално, но успешно земјоделие.
Можеби Македонија е недоволно откриена за французите, но според репортерот на списанието, ако сакате да бидете авангардни, посетете ја, за да се уверите колку чуда може да има ова мало парче земја.
Јованчо Наумоски
