Регион

Вучиќ: Пресудата за претседателот на Република Српска е насочена и против целиот српски народ

27.02.2025 09:06

По состанокот на Советот за безбедност во Белград, Српскиот претседател Вучиќ пристигна во Бања Лука откако неговиот колега, Додик, беше прогласен за виновен од судот во БиХ. Вучиќ истакна дека пресудата е првенствено насочена кон Република Српска, но и против целиот српски народ...

По состанокот на Советот за безбедност во Белград, Српскиот претседател Вучиќ пристигна во Бања Лука откако неговиот колега, Додик, беше прогласен за виновен од судот во БиХ. Вучиќ истакна дека пресудата е првенствено насочена кон Република Српска, но и против целиот српски народ. Го повика Додик да ги покани сите претставници на владата и политички актери во земјата како и претставници на ЕУ, САД, Русија и Кина, на разговори.

„Сакам претседателот Додик да иницира дијалог и разговори. Знам дека не му е ниту лесно, ниту едноставно сега да покаже српска посветеност за мир и за решавање на проблемите преку дијалог, а не со закани и уцени“, изјави српскиот претседател, Александар Вучиќ.

Клучното прашање е да се зачува Уставот на БиХ, изјави Додик.

„Сакаме да го зачуваме мирот. Не напаѓаме никого, ниту имаме воен план. Подготвени сме да разговараме. Доволно е да се почитува Уставот на БиХ за да останеме во БиХ и да ги отфрлиме сите негови реформи, бидејќи се создава атмосфера дека не можеме да останеме во БиХ“, изјави Милорад Додик, претседател на Република Српска.

Додик е осуден на една година казна затвор и шест години забрана за извршување на функцијата за неисполнување на одлуките на високиот претставник за Босна И Херцеговина, Кристијан Шмит.