Спектакуларен концерт за 54-от роденден на „Охридско лето“
54-тиот роденден најзначајната македонска музичко-сценска манифестација ќе го одбележи со спектакуларен концерт на светски познатиот вилолинист Немања Радуловиќ, заедно со францускиот гудачки квинтет „Ѓавоски трилери и пијанистката Лор Фавр-Кан.

На овој начин српскиот виртуоз на виолина Немања Радуловиќ и членовите на групата „Ѓаволски трилери“ од Франција му го честитаа 54-от роденден на Фестивалот „Охридско лето“.Тие вечерва на сцената на Античкиот театар ќе се претстават со посебна програма, со кратки и избрани композиции од АББА, Пуљани, Шопен, Вивалди, Шостаковиќ, Хачатурјан, Костурица и други автори.
„За овој специјален настан, за роденденот на фестивалот, се собравме да се претставиме со програма која што неодамна ја снимивме во Берлин и Париз за нашето следно це-де. Ова ќе биде своевидна промоција на тој материјал“, рече Немања Радуловиќ, виолинист.
Фестивалот „Охридско лето“ претставува најголемиот репрезент на македонската култура, а градот Охрид повеќе од пет децении е една од најпознатите европски уметнички сцени, рече музичкиот селектор, Гордана Јосифова Неделковска.
„Со години наназад на 4 август фестивалот организира настапи кои што остануваат запаметени не само во меморијата на фестивалската публика, туку се запишани длабоко и во страниците на историјата на фестивалот.Тоа се концерти наменети за пошироката публика, а целта е единствена,што поголем број на посетители да присуствуваат на овие настани“, рече Гордана Јосифова Неделковска-музички селектор.
Дека интересот за вечерашниот спектакуларен концерт е голем, потврда е синоќешната генерална проба во Античкиот театар на која покрај љубители на музиката од земјава присуствуваа и дел од фановите на Немања Радуловиќ од Србија и Франција, кои специјално допатуваа во Охрид за да го проследат овој културен настан.
Сашо Нелоски
