Карневал

Почнаа карневалските активности во Струмица

27.02.2025 18:10

Почна карневалската треска во Струмица. Локалните власти го предадоа клучот од градот на карневалистите кои ќе „владеат“ со Струмица цела недела. Од друга страна учесниците ги финишираат маските за саботното дефиле.

Од синоќа почнаа седумдневните карневалски свечености во Струмица. Карневалистите симболично го добија клучот и една недела ќе бидат одговорни и ќе управуваат со градот кој треба да привлече голем број домашни и странски туристи.

Учесниците пак ги финишираат своите маски со кои ќе се претстават на саботното дефиле. Членовите на групата „Мулен Руж“ ја спремаат маската „Мрежа на вистината“--ќе бидат пајаци.

Интензивно се работи и по работилниците. И додека жените шијат, кројат, мажите се задолжени за возилата кои треба да ја отсликаат пораката на маската.

Главното дефиле ќе биде во сабота кога по струмичките улици ќе продефилираат вкупно 35 маски со околу 1.000 карневалисти од земјава но и од странство.

 

Ване Трајков