свет

Утре во Вашингтон средба Трамп – Зеленски, на маса договорот за минерали

27.02.2025 15:31

Утре во Вашингтон средба Трамп – Зеленски. На маса договорот за минерали. За Киев тој може да биде голем успех или тивко да згасне. Американските безбедносни гаранции за Украина се клучни за параф-потенцира зеленски. За шефот на Белата куќа тоа е одговорност на Европа. Британскиот премиер Стармер ги продолжува дипломатските напори за траен мир и место на преговарачката маса. Во Истанбул втора рунда преговори Вашингтон-Москва...

Украина може да заборави на влезот во НАТО, изјави Трамп кој се подготвува за посетата на неговиот украински колега Зеленски во Вашингтон. Тој најави дека на средбата треба да биде потпишан договорот за ретки минерали што тесно ќе ги поврзе двете земји во наредните години. Зеленски, пак, истакна дека успехот на договорот ќе зависи од разговорите, нагласувајќи дека сè уште не е одлучено за безбедносните гаранции за Киев.

„Барем за тоа побарав разбирање, сето тоа е дел од идните безбедносни гаранции. Затоа, дури и во рамковниот договор, сакав да се појави барем една реченица што ја гарантира безбедноста на Украина. Овој договор може да биде голем успех или тивко да згасне“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Трамп стои на ставот дека САД ќе има ограничена улога, но Европа е таа што треба да и даде безбедносни гаранции на Украина.

„Ќе го оставиме тоа на Европа, бидејќи Европа е нивен сосед. Но, ќе се погрижиме се да оди како што треба и, како што знаете, ќе бидеме партнери со Украина во однос на ретките минерални суровини кои ни се многу потребни, а Украинците ги имаат“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Британскиот премиер Стармер кој допатува во Вашингтон на средба со Трамп, посочи дека траат дискусиите за можно испраќање британски војници во Украина, но повторно ја истакна важноста на американска поддршка во позадина. Вели дека траен мир во Украина ќе опстои само ако Киев и европските лидери се на маса.

„Мојата порака е едноставна-нема поважни односи за Обединетото Кралство во одбраната и безбедноста, трговијата, во технологијата и најмногу, во основата на тој однос, ги споделуваме основните вредности на отвореност, демократија, слобода на говор, да напредуваме и да се стремиме кон иднината на слободата, што оваа недела ја покажавме со нашата подготвеност да ја браниме со најголемото одржливо зголемување во нашата одбрана од Студената војна“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

За Русија, опцијата за можно распоредување мировни сили во Украина е неприфатливо-повтори Лавров пред новата втора рунда преговори меѓу Вашингтон и Москва во Истанбул.

„Не можете да одите на договор кој има намера да постигне една единствена цел – повторно да ја наполни Украина со оружје“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Трамп призна дека има ризици и можност, мировниот договор меѓу Русија и Украина да не успее. Во истовреме, во Париз се отвора ново поглавје во германско-француските односи. На тричасовната средба Макрон-Мерц разговарано и за односите со САД.

 

Бојана Крстевски