Водопадите на Беласица атрактивна туристичка дестинација
Три водопади и многу атрактивни извори е потенцијалот со кој располага беласичкиот регион. Засега достапен за еднодневни посетители и за разни семејни свечености. Но се позасилената кампања на локалната самоуправа на Ново Село, сигурно ќе привлече и инвеститори кои ќе вложат во изградба на сместувачки капацитети.

За жителите од подгорието, најубави се на пролет и зима, но за многубројните посетители тие се вредно место за посета во сите сезони. Водопадите во струмичкиот регион се центарот на развој на руралниот туризам на југоистокот од Македонија. Смоларски, Колешински, Габровски водопади, Мокрински извори, годишно до 40 илјади посетители доаѓаат во прегратките на Беласица. Гости од Македонија, но и од соседството и пошироко во Европа преку цела година уживаат во убавините на еко туризмот.
„Првпат доаѓам на водопадите. Слушнав од моите пријатели дека тука има многу убави водопади и веднаш тргнав да ги видам. Навистна е прекрасно, вели гостин од Бугарија.
„Првпат доаѓаме, прекрасно е“, вели домашен турист.
Но, во овој крај постои реципрочна нееднаквост меѓу убавините и сместувачките капацитети. Нема ниту еден хотел или мотел во кој би можеле да престојуваат гостите. Ниту во селата не се издаваат соби за љубопитните туристи љубители на рурален туризам. Општина Ново Село продала еден плац за изградба на мотел кај Смолари, а наскоро ќе продава уште еден во близина.
„Од десната страна на Смолари на 28 декари ќе се гради голем хотел, ќе има и спортски терени и мали угостителски објекти“, вели Благој Тасев од општина Ново Село
Со изградба на сместувачки капацитети локалната економија може да заработува и повеќе од милион евра годишно.
Катерина Давчева
