МТСП

Лимани: Имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во нашата држава би претставувал враќање на довербата на младите во институциите

27.02.2025 18:43

Фатмир Лимани денеска присуствуваше на настан во организација на Националниот младински совет на Македонија, на кој се дискутираше за значењето на имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во Македонија...

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска присуствуваше на настан во организација на Националниот младински совет на Македонија, на кој се дискутираше за значењето на имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во Македонија.

Обраќајќи се пред присутните млади, министерот Лимани ја истакна важноста од вклучувањето на младите во сите сфери на општественото живеење.

Тој се осврна на изминатиот период, на неговите лични заложби, како и заложбите на министерството за поддршка на сите процеси каде што е потребно вклучување на младите.

Осврнувајќи се на денешната тема за важноста и потребата од имплементација на ЕУ младинскиот дијалог во Република Северна Македонија, тој го посочи Законот за младинско учество и младински политики кој е првото легислативно решение кое ги регулира формите на младинско организирање и учество во процесите на креирање политики. Но, иако законот не го спомнува изрично ЕУ дијалогот за млади, тој дава насоки за поттикнување на структурен дијалог на национално и локално ниво.

Тој повика на заедничка акција во креирањето на цврсто партнерство помеѓу институциите, граѓанскиот сектор, Националниот младински совет на Македонија, како најголемо претставничко тело на младите и сите млади.

„Вие сте силата за позитивни промени во општеството. Вие го имате потенцијалот да ја обликувате иднината на општеството и Вам ви е предодредено да бидете лидери во сегашноста и иднината кои ќе работат за благосостојбата на сите во државата. Ја имате мојата поддршка и институционалната поддршка на министерството!“ рече Лимани обраќајќи им се на младите.