Американските санкции за Нафтената индустрија на Србија одложени за 30 дена
Американските санкции за Нафтената индустрија на Србија, кои денес требаа да стапат на сила поради руската сопственост на НИС-одложени за 30 дена...

Претседателот Вучиќ рано утринава соопшти дека САД го уважиле барањето на Србија за одлагање на санкции за Нафтената индустрија на Србија за 30 дена, кои утринава требаа да стапат на сила. Претходно, НИС со поддршка на Владите на Србија и Унгарија, како и на хрватскиот нафтоводот „Јанаф“ побара одлагање на санкциите на НИС за 90 дена, кој покрива 80 отсто од пазарот со нафтени деривати и гас во Србија.
По разговорите на Белград и Москва, вчера попладне беше објавено дека мнозинскиот сопственик „Гаспромнефт“ го намалил сопственичкиот удел на 44,85 отсто со префрлање на шест отсто без надомест на својата матична компанија „Газпром“, руска компанија која не е под санкции.
Министерката за енергетика, Дубравка Хандановиќ изјави дека граѓаните немаат причина за страв и паника доколку дојде до санкции, да останува можноста за платежни трансакции со картички на бензинските пумпи на НИС и по најавата на одделни банки за гаснење на сметките.
„Во врска со плаќањето, сè ќе продолжи да функционира како и досега. Не е точно дека ќе може да се купува само за кеш, очекувам дека мнозинството картички ќе продолжат да работат, ќе видиме како ќе реагираат една до две институции и ќе преземеме се за нормално функционирање на НИС“, изјави Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, министерка за енергетика на Република Србија.
Србија има резерви на нафта до мај, но доколку се воведат санкциите, НИС кој придонесува со над 5 отсто во БДП и е најголем даночен обврзник, тие би можеле да доведат до пораст на цените на гориво и недостиг на енергенти. Можно затворање на рафинеријата во Панчево поради неможност на набавка на сурова нафта преку ЈАНАФ и негативно влијание врз државните финансии и меѓународните односи на Србија.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
