Куманово

По неколку часа се чека верификацискиот код за преглед на пациентите

27.02.2025 16:20

По неколку часа утринава матичните лекари го чекаат верификацискиот код, за преглед на пациентите. Тие се загрижени каква ќе биде состојбата од понеделник кога опцијата и официјално ќе започне да се применува. Стравуваат дека пациентите ќе чекаат со часови за да остварат преглед но и за друга услуга. Во Куманово денеска немаше штрајк, се надеваат на преговори со надлежните …

„Утрово од 08.00 часот испративме преку „Мој термин“, но еве сега е 10:30 часот сè уште не е стигната СМС-порака на мобилниот телефон“, вели медицинска сестра.

Засега не функционираат новите измени на системот „Мој термин“ со праќање пораки за верификациски код, за да се отвори картонот и почне лекувањето на пациентите. Матичните лекари утринава се обиделе да го започнат лекувањето на овој начин, но не било успешно, бидејќи не добиле повратна порака. Тие се загрижени каква ќе биде состојбата од понеделник кога ќе започне примената. Стравуваат дека ќе се усложни нивната работа, а пациентите ќе чекаат со часови. Укажуваат дека има граѓани кои често менуваат оператори, доаѓаат без мобилни телефони.

„Од утрово пробавме не стигна четири часа, којзнае што ќе биде понатаму. Имаме популација стари луѓе со деменции, психомоторни дефекти, што не можат да читаат, ќе чекаат можеби со часови за да верифицираме. Не е прифатливо ќе трпат и пациентите и ние, ќе немаме време да се занимаваме со пациентот, терапијата, туку да гледаме дали ќе стигне код или не“, истакна д-р Фатмир Асани, претседател на Здружение на матични лекари Куманово.

Без повратната порака велат освен преглед пациентите нема да можат да добијат никаква друга услуга, упат, или рецепт.

Матичните лекари од Куманово денеска не штрајкуваат. Оставаат простор за преговори со надлежните, но каква ќе биде состојбата од понеделник е неизвесно.

Од Министерството за здравство пак на став новата опција треба да придонесе да се намалат пропуштените прегледи.

Елена Георгиевска