тутунопроизводство

Нови цени, незадоволни тутунари

27.02.2025 16:37

Завршија преговорите меѓу тутунарите и откупувачите за новото тутунопроизводство. Од Сојузот на тутунските здруженија не се задоволни од откупувачите и цените што им ги понудиле. А од понеделник ќе мора да се склучуваат договори за новата реколта тутун. Како ова ќе влијае на производството?

Побараа 30-тина, а добија само околу 5 проценти повисоки цени на тутунот за годинашнава реколта. Сојузот на тутунските здруженија е незадоволен од неколкудневните преговори со 10-те откупувачи. Наместо 510 денари за прва класа како што се бараше, добија од 414 до 420, од понудените 450 за втора ќе има 312 до 360 денари и наместо 390 за трета, откупувачите понудија од 250 до 300 денари. Најголемите понудиле најмалку. Сојузот нема ингеренции да го стопира склучувањето договори. Наесен ќе се оди со анекси.

Останува барањето на законски измени-враќање на ингеренциите на Сојузот и да нема увоз на ароматичен тутун за да се заштити домашното производство.

Од понеделник, почнува склучувањето договори за новата реколта.

Во последните две години, за околу 800 се намалил бројот на хектари со тутун, а за четири години за 3.000 се помалубројни земјоделските стопанства.

 

Елизабета Митреска