ЕУ ќе реагира одлучно против најавените американски царини
Европската унија ќе реагира одлучно и ќе ги брани сопствените интереси, став на Брисел по најавите од претседателот Трамп дека ќе воведе царини за ЕУ од 25 насто. Со новите тарифи што ги предвидува шефот на Белата куќа, на удар би биле производителите на автомобили, челичната индустрија, производителите на храна, вино, модните брендови...

ЕУ верува дека треба да работи заедно со САД во интерес на луѓето и на бизнисот. За Брисел, важни се дијалогот, отвореноста и реципроцитетот. Партнерство ДА, но под услов да се игра според правила, став на Европската комисија откако американскиот претседател се закани со царини од 25 проценти за увозот на стоки од ЕУ во САД.
„Американските компании можеа да инвестираат и да генерираат значителни приходи токму затоа што ЕУ е голем, обединет пазар кој е добар за бизнисот. Европската унија верува дека треба да работиме заедно за да ги зачуваме овие можности за нашите луѓе и бизниси од двете страни на Атлантикот, наместо да работиме едни против други, ние се залагаме за дијалог, отвореност и реципроцитет. Подготвени сме за партнерство со вас, под услов да играте според правилата“, изјави Олоф Гил, портпарол на Европската комисија за трговија.
Со новите тарифи што ги предвидува шефот на Белата Куќа, на удар би биле производителите на автомобили, челичната индустрија, дистрибуцијата на течен природен гас, производителите на храна, вино, модните брендови. Во меѓувреме, откажана средбата на Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Калас со американскиот државен секретар Рубио.
„Донесовме одлука. Ќе ја објавиме многу наскоро и ќе биде 25 проценти, генерално кажано, за автомобилите и сите други работи. Тие користат секакви причини и ние прифаќаме се од нив. А со Европската унија имаме дефицит од околу 300 милијарди долари. Ги сакам сите земји, искрено. Но, Европската унија беше таа што е формирана со цел да ги измами САД. И тие направија добра работа во тоа. Но, сега јас сум претседател“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Европската унија е третиот најголем трговски партнер на САД, по Кина и заедно сочинуваат 30 проценти од глобалната трговија на стоки и услуги и 43 насто од глобалниот бруто домашен производ. Во 2023-та година, трансатлантската трговија надмина 1,5 трилиони евра. Трамп изјави дека следната недела ќе воведе 25 насто царини и за двата најголеми трговски партнери, Канада и Мексико.
Маријана Димовска
