Ако нема договор меѓу синдикатите и работодавачите минималната плата ќе се зголеми согласно законот
Сè уште тешко до компромис за раст на минималецот, синдикатите не отстапуваат, работодавачите им бараат продуктивност на работниците. Велат, ако се зголемат платите ќе се разгори инфлацијата. Владата им порачува што и да се договорат ќе прифати, во спротивно од март минималната плата системски ќе се усогласува, ќе порасне за околу две илјади денари...

Тешко одат преговорите помеѓу работодавачите и синдикатите за минималната плата, откако Владата остави простор да се договорат во пресрет на Социоекономскиот совет.
Синдикалци бараат, работодавачите да се откажат од дел од профитите за да се задржи работоспособното население во земјава. Велат, не може истиот работник во земјава да не е, а во странство да е продуктивен.
Ако се зголемат платите, а притоа имаме мала продуктивност, ќе се разгори инфлацијата, предупредуваат стопанствениците.
Ако не се договорат синдикатите и работодавачите, минималната плата би се зголемила, согласно законот за 2.000 денари, вели заменик-министерот за економија Ристески. Според него, треба да се размислува за промена на формулата за пресметка на минималната плата, при која би се земале предвид, растот, инфлацијата и продуктивноста.
Александра Велинова
