Македонија

Заменик-градоначалникот поднесе оставка, од Град Скопје велат дека бил разрешен пред три месеци

27.02.2025 17:31

Заменик-градоначалникот на Скопје, Александар Трајановски поднесе оставка. Како причина ги наведе неконзистентните политики, обвинувајќи ја градоначалничката Арсовска дека таа само се грижи за, како што го нарече, кланот од Сарај, кој според него владее со Скопје. Од Град Скопје одговараат-тој не може да поднесе оставка зашто беше разрешен пред три месеци…

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска се грижи само за кланот од Сарај, кој под нејзино водство, владее со Скопје. Вака Александар Трајановски од редовите на Гром, ја образложи оставката од функцијата заменик-градоначалник на Град Скопје. Додаде дека за него е неприфатливо, наместо на Скопје, да претставува заменик-градоначалник на Сарај. Обвини за неконзистентност во работењето, но и за вршење на мобинг врз вработени во Градот Скопје и јавните претпријатија.

Од Град Скопје со писмена реакција.

„Нејасно е како лицето Александар Трајановски може да си даде оставка од функција од која е разрешен пред три месеци, односно на 19-ти декември, минатата година“, велат од Град Скопје.

Додаваат дека Трајановски е разрешен поради нарушување на угледот на Град Скопје, како и поради неизвршување на работните задачи и функцијата. Од таму ги демантираат наводите на Трајановски за влијание на ДУИ во рамки на Градот Скопје.

Реагираа и од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, со став дека Трајановски цели три години задоцнил со процената на личноста на градоначалничката Арсовска.

„Неговата оставка од местото заменик-градоначалник не е последица на неговиот револт од пајташите на Арсовска, туку веројатно, причина се нереализирани бизнис интереси во морето интереси, заокружени околу Арсовска. Да потсетиме дека Трајановски беше во улога на „дрвен адвокат“ и бранител на Арсовска, до последниот момент. Поточно, до последната седница на Совет каде убедуваше дека кутрата Арсовска е жртва, а не агресор и уништувач на Градот Скопје“, се вели во писмената реакција на ВМРО – ДПМНЕ.

Од владејачката партија потсетуваат и на како што велат, жолчните и параноични навреди и клевети на Трајановски кон ВМРО-ДПМНЕ, лидерот Христијан Мицкоски и коалицијата.

Марија Котовска