Да се работи на превенција од инциденти на спортски натправари!
Треба да им укажеме на навивачите на спортските клубови да ги бодрат на вистински искрен начин, а не да се прават инциденти...

7-мина ќе заработат кривични пријави за инцидентот што се случи на натпреварот Пелистер – Вардар на градскиот стадион „Тумбе кафе“ во Битола. Еден ќе одговара за предизвикување општа опасност, а останатите за напад врз службено лице.
Настанот се случи 2 минути пред крајот на натпреварот, кога одекнала силна експлозија во трибината каде била сместена навивачката група „Комити“. За да не дојде до судир меѓу двете навивачки групи, на гостинските навивачи им било укажано први да го напуштат стадионот.
Откако одбиле, била издадена усна наредба за потиснување кон излезот на стадионот. Настанала тирканица, одекнала експлозијата. Повредени 8-мина ,едно лице со тешки телесни повреди и 7 со лесни телесни повреди од навивачката група „Комити“ и четворица полициски службеници.
„СВР Битола изврши увид на местото на настанот каде обзебеди материјал за понатамошно вештачење во МВР“, изјави Сања Стаматовска – портпарол на СВР Битола.
Македонија има законски мерки за девијантно однесување на спортски натпревари, но треба повеќе да се работи на превенција, пред почетокот на натпреварите, вели професорот Анастасовски. Треба да им укажеме на навивачите на спортските клубови да ги бодрат на вистински искрен начин, а не да се прават инциденти.
„Фудбалот како спорт во ваква ситуација доаѓа во втор план. Во прв план доаѓаат фрустрациите на одредени групи и поединци, кои сакаат себе да се прикажат на еден спортски настан. Време е да се сконцентрираме на поддршка на клубовите кои ги сакаме, за да може преку тоа да го градиме и имиџот на самиот клуб“, смета Иван Анастасовски – професор на Факултетот за физичка култура.
И покрај низата кампањи за спортско навивање, инциденти и натаму се случуваат на спортските терени. Социолозите порачуваат да се навива во спорстски дух, без насилство и да се ужива во натпреварите.
Наташа Гркова- Петрушевска
