Од вторник царини за Канада и Мексико
Шефот на Белата куќа не отстапува ниту од царините за ЕУ од 25 насто...

Покрај удвојувањето на универзалната тарифа од 10 насто за увоз од Кина, Трамп планира да воведе царини за Канада и Мексико од вторник поради илегалната миграција и трговијата со опасната дрога фентанил. Канадскиот премиер Трудо рече дека неговата земја инвестирала повеќе од една милијарда канадски долари за подобрување на граничната безбедност, додавајќи дека министрите и официјалните претставници се во Вашингтон оваа недела.
„Помалку од еден процент од фентанилот што пристигнува во соединетите држави доаѓа од Канада, но знаеме дека дури и тоа треба да се намали. Инвестиравме 1,3 милијарди долари во зајакнувањето на нашите гранични капацитети. Одиме во Вашингтон за да покажеме дека ова е прашање на кое треба да работиме заедно и дека Канада не е извор на проблеми за соединетите држави. Ќе направиме се што е потребно за да избегнеме спроведување на овие тарифи. Како што реков, ако во вторник се воведат неоправдани тарифи за Канада, ќе имаме моментален и исклучително силен одговор како што очекуваат Канаѓаните“, изјави Џастин Трудо, премиер на Канада.
Трамп претходно се согласи на 30-дневна суспензија на тарифите во Канада и Мексико, кои првично требаше да започнат во февруари. Шефот на Белата куќа не отстапува ниту од царините за ЕУ од 25 насто.
