Во Вашингтон средба Трамп-Зеленски
Прво да се постигне договор за прекин на огнот, а потоа да се разговара за распоредување мировници во Украина, дециден е американскиот претседател. Во Вашингтон денеска средба Трамп – Зеленски се очекува да биде потпишан договор за минерални суровини. Зеленски потенцира дека е важно американската помош да продолжи...

Решението на украинската криза ќе се случи релативно брзо или никогаш. Договорот за минерални суровини е безбедносната гаранција што му е потребна на Киев, уверува Трамп пред средбата со Зеленски во Вашингтон. На состанокот со британскиот премиер Стармер, шефот на Белата Куќа истакна дека прво сака да се постигне договор за прекин на огнот, пред да се разговара за распоредување мировници во Украина. Трамп рече оти има голема почит кон својот украински колега и не верува дека го нарекол диктатор.
„Договорот за минерали за кој сите велеа дека е тешко да се постигне, навистина е многу добар за Украина и добар за нас. На американските даночни обврзници сега ќе им бидат вратени парите, а стотици милијарди долари ќе се вложат за да ѝ се помогне на Украина да се одбрани, што само по себе е многу достојна работа од која било друга поддршка што ја плативме во нашата земја“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Стармер ги повика САД да осигурат безбедносен заштитен механизам за кои било европски сили кои би биле дел од евентуална мировна мисија во Украина.
„Пред нас е дискусија за тоа како ова може да функционира. Треба да се погрижиме договорот да трае. Се согласуваме дека историјата мора да биде на страната на миротворецот, а не на напаѓачот. Значи, влогот не може да биде поголем. И ние сме решени да работиме заедно за да постигнеме добар договор“, изјави Кир Стармер – премиер на Велика Британија.
Украинскиот претседател истакна дека успехот на договорот ќе зависи од разговорите, нагласувајќи дека сака да знае што ќе се случи со неговата земја.
„Договорот со Соединетите Држави, поддршката за нашата земја и нашиот народ, гаранциите за мир и безбедност се клучни за да се осигури дека Русија никогаш повеќе нема да го уништува животот на другите народи. Ќе се сретнам со претседателот Трамп. Од клучно значење за мене и за сите нас во светот е американската помош да не биде прекината. Силата е суштинска на патот кон мирот“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Украинците поделени за оправданоста на спогодбата.
„Сè додека им треба нешто од нас, тие ќе се преправаат дека активно ни помагаат. Ако кажеме не, не сакаме да соработуваме, тоа може да доведе до конфликт и евентуално до некаква уцена со ресурси“, вели анкетиран.
„Сè додека овие минерали се во земјата, ниту Украина, ниту САД, ниту која било друга страна немаат корист од нив. Финансиската поддршка е критична за Украина сега. Ова е еден од изворите на финансии во овие тешки времиња, дури и ако овој договор не е супер фер. Но, ова е војна. И кога има војна, треба да платите повеќе“, изјави друг.
Вчера американски и руски дипломати одржаа нова рунда разговори во Истанбул со цел обновување на билатералните односи и решавање на конфликтот во Украина.
Маријана Димовска
