Свет

Во Вашингтон денеска средба Трамп – Зеленски, се очекува да биде потпишан договор за минерални суровини

28.02.2025 12:12

Во Вашингтон денеска средба Трамп – Зеленски. Се очекува да биде потпишан договор за минерални суровини. Зеленски потенцира дека е важно американската помош да продолжи. Прво да се постигне договор за прекин на огнот, а потоа да се разговара за распоредување мировници во Украина, дециден е американскиот претседател. Стејт департментот соопшти дека ќе одржат уште една средба со тимовите од Москва во блиска иднина…

Решението на украинската криза ќе се случи релативно брзо или никогаш. Договорот за минерални суровини е безбедносната гаранција што му е потребна на Киев, уверува Трамп пред средбата со Зеленски во Вашингтон. На состанокот со британскиот премиер Стармер, шефот на Белата куќа истакна дека прво сака да се постигне договор за прекин на огнот, пред да се разговара за распоредување мировници во Украина. Трамп рече оти има голема почит кон својот украински колега и не верува дека го нарекол диктатор.

„Договорот за минерали за кој сите велеа дека е тешко да се постигне, навистина е многу добар за Украина и добар за нас. На американските даночни обврзници сега ќе им бидат вратени парите, а стотици милијарди долари ќе се вложат за да ѝ се помогне на Украина да се одбрани, што само по себе е многу достојна работа од која било друга поддршка што ја плативме во нашата земја“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Стармер ги повика САД да осигурат безбедносен заштитен механизам за кои било европски сили кои би биле дел од евентуална мировна мисија во Украина.

„Се согласуваме дека историјата мора да биде на страната на миротворецот, а не на напаѓачот. Значи, влогот не може да биде поголем. И ние сме решени да работиме заедно за да постигнеме добар договор“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

Од ЕУ велат дека сакаат преговори кои ќе доведат до траен и праведен мир, со слободна и просперитетна Украина, која може да се приклучи на европското семејство. Украинскиот претседател истакна дека успехот на договорот ќе зависи од разговорите, нагласувајќи дека сака да знае што ќе се случи со неговата земја.

„Договорот со Соединетите Држави, поддршката за нашата земја и нашиот народ, гаранциите за мир и безбедност се клучни за да се осигури дека Русија никогаш повеќе нема да го уништува животот на другите народи. Ќе се сретнам со претседателот Трамп. Од клучно значење за мене и за сите нас во светот е американската помош да не биде прекината. Силата е суштинска на патот кон мирот“, изјави украинскиот премиер, Володимир Зеленски.

Вчера американски и руски дипломати одржаа нова рунда разговори во Истанбул со цел обновување на билатералните односи и решавање на конфликтот во Украина. Стејт департментот соопшти се договориле да одржат уште една средба во блиска иднина.

 

Маријана Димовска