Дурмиши најави контрола на над 1.000 трговски објекти
Дали маркетите ги почитуваат мерките на Владата за замрзнати цени и ограничени маржи? Државниот пазарен инспекторат ќе спроведе контрола во над 1.000 трговски објекти до крајот на неделава. Како што информира министерот за економија, Бесар Дурмиши казните се во висина меѓу 500 до 10 илјади евра, па и затворање на маркетите во траење од 15 дена...

Од средината на април задолжителна објава на цените на интернет страна. Маркетите добија 45 дена за подготовка, а граѓаните ќе изберат каде ќе ги трошат парите, односно онаму каде што им е најевтино –како што изјави министерот за економија и труд, мерката ќе донесе раст на конкурентноста меѓу трговците, но и намалување на цените на производите.
Дурмиши вели носиме мерки за заштита на стандардот на граѓаните но и за стабилизација на инфлацијата.
Инспекцијата е на терен и постапува по владината Одлука, а до крајот на неделава ќе се контролираат 1.000 трговски субјекти низ државата. Секој кој оди контра Законот, ќе плати казна од 500 до 10.000 евра, па и до затворање на маркетите до 30 дена.
По прес-конференцијата на министерот за економија, реагираа од СДСМ. Велат, со објави на веб-страница не се намалувале цените.
„Во моментов државата се соочува со сериозна економска криза. Цените растат неконтролирано, струјата и парното поскапеа, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај. Наместо да преземат конкретни чекори за справување со кризата, Дурмиши и Мицкоски избраа мерка што нема никаков ефект, игнорирајќи ги сите реални решенија што навистина можат да го подобрат животниот стандард на граѓаните.“-велат од СДСМ.
Овие мерки ќе траат до 30 април, а со одлуката за ограничување на бруто профитна маржа на големо и мало со 5% се опфатени 8 прехранбени производи, со 10% се опфатени 55 производи, а со 15% уште 39 артикли.
Борис Грујоски
