2 милиони евра за реконструкција на тетовскиот водовод
Со инвестиција од 2 милиони евра издвоени од државниот буџет се довршува новиот зафат од тетовскиот водовод. Се очекува со ова долгорочно да се реши проблемот со недостигот од вода за пиење во градот под шара. Најавено е дека работите ќе завршат до крајот на следнава година...

Започна реализацијата на втората фаза од новиот зафат за тетовскиот водовод. На падините на Шара во тек е изградбата на цевководот и останатата инфраструктура во должина од околу 8,5 километри.
Со новиот зафат ќе се обезбедат дополнителни 200 литри вода во секунда од Студена река и река Пена. Со тоа се очекува долгорочно да биде решен проблемот со водоснабдувањето.
Инвестицијата е два милиони евра – средства од државниот буџет. Проектот треба да се реализира во текот на 2014 и 2015 година.
„Предвидено е да се работи во две сезони и токму поради тоа барањето и буџетирањето е направено со две години 2014 и 2015. Потребни се две сезони и фактички еден равоен буџет поделен на два дела“, изјави Теута Арифи, градоначалник на општина Тетово.
За рационално да се искористи водата, потребна е и обнова на водоводната мрежа, бидејќи има големи загуби. Од министерството за екологија најавија поддршка и за таквите проекти.
„Таа опција веќе постои, а ние како министерство секогаш ќе ги поддржуваме таквите проекти кои ќе ни бидат доставени од општината“, рече Нурхан Изаири, mинистер за животна средина.
Овој период тетовци имаат доволно вода за пиење. Издашноста на шарските извори е околу 500 литри во секунда. Но, проблемиот со водоснабдувањето трае со децении. Се менуваа влади и градоначалници, но никој не го реши. Надежите се дека овој пат за градот под Шара ќе се обезбеди доволно шарпланинска вода.
Зоран Јованоски
