Продлабочување на односите и зголемени инвестиции
Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција меѓу народните, туку како поле за заедничка соработка и развој – порака од средбата на премиерот Мицкоски и турскиот претседател Ердоган. Потпишаа заедничка политичка декларација за основање на совет за соработка на високо ниво. Посебен фокус – економската соработка. Се создаваат нови можности за македонските компании на турскиот пазар.

Заложби за мир и стабилност на Балканот, потврда за традиционалното пријателство, стратешката соработка и развој на економската и трговската соработка. Зголемување на турските инвестиции во земјава, но и отворен пат за македонските на турскиот пазар. Ова беше во фокусот на разговорите на претседателот на република Турција, Реџеп Таип Ердоган со претседателот на македонската влада Христијан Мицкоски. Потпишаа заедничка политичка декларација за основање на совет за соработка на високо ниво помеѓу владата на двете земји. Ердоган порача дека пријателството меѓу двете земји е цврсто како Камениот мост во Скопје.
Претседателот на македонската влада, Христијан Мицкоски, истакна дека со Турција ќе ги продлабочат односите на билатерално, регионално и глобално ниво. во безбедноста, економијата, одбраната, инфраструктурата и дигиталната трансформација. Во турскиот претседател Ердоган, македонскиот премиер Мицкоски гледа голем пријател.
Трговската размена меѓу Македонија и Турција минатата година достигнала над милијарда долари, а турските инвестиции во земјава се над 2 милијарди долари.
Игор Панов
