Украина - САД

Лавина реакции по фијаското во Белата куќа

01.03.2025 12:59

Светот во шок во кавгата во Белата куќа помеѓу американскиот претседател Трамп и потпретседателот Венс од една страна, и украинскиот претседател Зеленски од друга страна. Договорот за минералите остана непотпишан. Европа се солидаризира со Украина. Киев во обид да ги спаси односите со Вашингтон, од каде што бараат извинување...

По жестоката кавга во Овалната соба со Зеленски пред очите на светската јавност, американскиот претседател Трамп ја напушти Белата куќа и отпатува во неговиот дом на Флорида. На заминување, нова порака за украинскиот шеф на државата - да биде свесен дека ја губи војната, бидејќи ги нема потребните карти во ракавот, обвинувајќи го дека не сака мир.

„Мислам дека тој лошо се пресмета. Ние бараме мир. Не бараме некој со кого ќе потпишеме за да се чувствува силен и охрабрен и потоа нема да бара мир. А, тоа се случува. Јас барам мир. Не сакаме десегодишна војна и да играње игри. Сакаме мир. Мојот впечаток дека ако ние ставиме потпис, тој ќе бара нешто што ние не го бараме. Тој бара да продолжи да се бори, ние сакаме да ставиме крај на војната“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

По фијаското во Овалната соба, каде американскиот претседател и потпретседател Трамп и Венс јавно се караа со Зеленски, украинскиот претседател замолен да ја напушти Белата куќа. Договорот за минералите остана непотпишан.

„Тој мора да каже дека сака мир. Не треба да седи таму и да зборува Путин ова, Путин она, само негативни работи. Тој мора да каже дека сака мир, дека не сака повеќе да војува. Неговиот народ умира, а тој ги нема потребните карти во ракавот и тоа мора да се разбере“, истакна Трамп.

Зеленски во обид да го спаси односот со шефот на Белата куќа.  Во првата реакција по жестоката кавга им се заблагодари на САД и на Трамп за она што го прават за Украина, повторно инсистирајќи на безбедносни гаранции.

„Она што се случи не е добро. Односот со претседателот Трамп може да се спаси, јас секогаш му се заблагодарувам на американскиот народ зашто станува збор за историски односи меѓу нашите народи. Го почитувам претседателот и го почитувам американскиот народ, но не сум сигурен дека сторивме нешто лошо, можеби некои работи не требаше да ги дискутираме пред медиумите, со целосна почит кон демократијата и слободните медиуми. Но, треба да се разбере позицијата на Украина, сензитивни се прашањата, особено за прекин на огнот без безбедносни гаранции“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Републиканците задоволни што Трамп покажал сила, Демократите сметаат дека она што се случи во Овалната соба било срамно. ЕУ со охрабрување за Киев и Зеленски. Со речиси идентични пораки, европските лидери порачаа дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина - не сте сами, ќе работиме со вас за праведен и траен мир.

„Постои агресор што се вика Русија и луѓе кои се под агресија, а тоа се Украинците. Во право сме што и помогнавме на Украина и воведовме санкции за Русија пред три години и продолжуваме да го правиме тоа. Тие се борат за достоинстѕво, независност, за нивните деца и за безбедноста на Европа“, изјави францускиот претседател, Еменуел Макрон.

Но, не сите лидери во ЕУ го делат истиот став. На пример, унгарскиот премиер Орбан му се заблагодари на Трамп и порача – силните луѓе прават мир, слабите прават војна. Украинците, пак, стравуваат од запирање на американската поддршка.

„Трамп не личи дека е наш партнер, тој личи како партнер на Путин.“

„Мислам дека Европа треба да биде многу поактивна во поддршката на економски и воен план“.

„Без поддршката од ЕУ и САД, Украина нема да може да се спротивстави на руската инвазија, нема да успееме во тоа.“

Во Москва задоволство, оценето дека Трамп бил во право кога го предупреди Зеленски дека се коцка со Трета светска војна.

 

Мартин Пушевски