Кинезите од „Синохидро“ го живнаа Свети Николе

05.08.2014 10:38

Работниците од Кина кои работат на изградбата на автопатот Штип – Миладиновци ја живнаа економијата на Свети Николе. Трговците задоволни од новите муштерии, Кинезите – од животот во Македонија...

50-те нови и добри муштерии ја живнаа чаршијата во Свети Николе. Станува збор за Кинезите кои работат на автопатот Штип – Миладиновци, а кои извесно време живеат и трошат во ова градче.

„Доаѓаат секое утро. Земаат праски, кајсии, вишни. Овошје купуваат најмногу“, вели  Бобан Новаков, трговец од Свети Николе.

Што мислат Кинезите за тукашниот начин на живот и менталитет на луѓето?

„Ми се допаѓа живеењето во Свети Николе бидејќи градот е мирен и луѓето се љубезни. Храната е убава и вкусна и често излегуваме во град, стекнавме и пријатели со кои го поминуваме слободното време“, истакна Лиангје Ју, инженер од „Синохидро“.

Иако за почеток малку, наскоро ним ќе им се придружат уште нивни колеги. За трговците од малото Свети Николе тоа се добри вести.

„Секој купувач повеќе се чувствува. Неделно купуваат по околу 40 килограми месо. Најмногу свинско и јунешко“, вели  Виктор Масевски, трговец од Свети Николе.

Освен за трговците, работа има и за другите помали фирми бидејќи Кинезите ја преадаптираат зградата на некогашниот хотел „Овче Поле“ во нивен работен камп.

„Со помош на Владата и локалната самоуправа, се сместивме во овој објект и го приспосбувме на нашите потреби за работа. Засега сме задоволни од условите за работа, но и од соработката и помошта кои ги добиваме од локалното население“, изјави Лонг Лу, менаџер во „Синохидро“.

Кинезите во Свети Николе ќе останат 3 години, додека трае изградбата на автопатот, а ќе работат на 11- километарската делница која ќе поминува низ градот. Доволно време трговците да почувствуваат добар пазар.

 

Оливера Жежова