Европски самит во Лондон за поддршка на Украина
Самит за поддршка на Украина во Лондон, свикан по последните дипломатски активности за ставање крај на војната, но и во светло на заострените односи меѓу Трамп и Зеленски. Британија му даде заем на Киев од над 2,2 милијарди фунти. По кавгата на отворена сцена во Белата куќа, Европа стана свесна дека е време самата да се грижи за сопствената опрема и безбедност...

Самит за поддршка на Украина во Лондон. Лидерите на повеќето земји-членки на ЕУ и Канада сакаат да покажат дека Украина не е сама откако по кавгата во Белата куќа меѓу Трамп и Зеленски. Британскиот премиер на средбата со Зеленски соопшти дека Украина ќе добие заем од над 2,2 милијарди фунти за зајакнување на одбраната. Парите се обезбедени од замрзнатите руски средства.
По случувањата во Белата куќа, Европа сфати дека помина времето кога за одбрана на стариот континент можеше да се потпира на САД.
„Јасно е дека ЕУ мора да направи повеќе за да ја зајакне безбедноста. Ова значи и зголемено трошење за одбрана, и на ниво на ЕУ и на ниво на земји-членки, како и поголема воена поддршка на Украина. За безбедносните прашања мора да се потпреме на сопствената сила. Неделава, Европската комисија ќе објави Стратегија за одбрана на ЕУ“, изјави Валдис Домбровскис, еврокомесар за трговија.
Јавноста во Украина и Русија со спротивставени видувања на судирот меѓу Зеленски и Трамп во Белата куќа. Русите сметаат дека Трамп му покажал на Зеленски каде му е местото.
„Мислам дека конечно му кажаа каде му е местото. Тоа е добро, зашто сега е можно да се стигне до мир за луѓето повеќе да не умираат“
„Зеленски одамна требаше да поднесе оставка. Тој мора да си оди, не е повеќе претседател“
„Трамп и Зеленски тргнаа по одвоени патишта“
„Сега сме подалеку од мирот зашто Европа сега уште повеќе ќе биде против нас“
Украинците поддржуваат што Зеленски ги одбранил украинските позиции, иако некои сметаат дека тоа требало да го направи на подипломатски начин.
„Ова не е конфликт, мислам дека Трамп погрешно разбрал што се случува во светот. Ние сме со Зеленски, тој е одличен. Мораме да ја одбраниме Украина“
„Мислам дека емоциите излегоа од контрола, сите го чувствуваме тоа, но не сме во позиција отворено и силно за нашите слабости, мора тоа да се прави подипломатски.“
„Мислам дека американскиот народ ќе продолжи да ја поддржува Украина и оти Зеленски ќе ја стави ситуацијата под контрола“.
„Зеленски беше во право зашто Трамп се обиди да постигне мир со Русија на грбот на Украина. Зеленски го одби тоа и тоа беше храбро.“
Унгарија и Словачка кои го поддржаа Трамп за односот кон Зеленски, телефонски ќе учествуваат на самитот во Лондон, каде присуствува и првиот човек на НАТО, Руте, кој побара Зеленски да ги подобри односите со Трамп. Францускиот претседател Макрон ќе предложи нуклеарно одвраќање како заштита од руска агресија врз други европски држави.
Ирина Гелевска
