Сајбер безбедност

Андоновски: Институциите ад-хок се заштитуваат од кибернапади

02.03.2025 14:45

Македонија оставена без закон за кибер-безбедност. Институциите бараат ад-хок решенија, а многу од нив се ранливи на напади. Иако земјава е членка на НАТО, се набавувале и руски софтвери, открива министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски во интервју за Радио слободна Европа...

Институциите ад-хок се заштитуваат од кибернапади, бидејќи сè уште немаат обврска да го прават тоа, па затоа определени институции се многу често мета на вакви напади, вели министерот за дигитална трансформација Андоновски. Македонија сè уште нема закон за кибербезбедност, додека сите држави од регионот и од Европа ги донесоа пред 13 години. Во интервју за Радио Слободна Европа, Андоновски појаснува дека се прават напори законот да се донесе до јуни, што ќе биде патоказ каде треба да се движиме во кибер заштитата. Иако земјава е членка на НАТО, се набавувале и руски софтвери, открива министерот за дигитална трансформација.

„Интересен податок е дека над 20 институции имаат купувано руски антивируси. Десетици институции ненавремено ја зголемиле или надградиле својата заштита, па работеле со истечени лиценци. Голем број институции сместуваат податоци на граѓаните на сервери кои подоцна не се грижат дали се доволно заштитени или каде им се сместени“, вели Андоновски.

Во донесените измени и новиот закон за безбедноста на интернет кој е во подготовка, Министерството за дигитална трансформација ќе го контролира тоа, и како што вели Андоновски, потенцијално ќе се казнува онаму каде што ќе се констатира дека институциите не постапуваат.

 

Милчо Велески