Лондон

Нов мировен план на Британија и Франција

02.03.2025 19:31

По кавгата во Белата куќа - самит во Лондон за Украина. Европските лидери, НАТО и Канада бараат ставање крај на војната, но и начин да се смират Трамп и Зеленски. Франција и Британија работат на сопствен мировен план, кој ќе го достават до САД. По завршувањето на двочасовниот самит, британскиот премиер порача дека се подготвени за воено присуство во Украина. А според Фон дер Лајен, Европа мора итно да се вооружи...

Од самитот за поддршка на Украина во Лондон, најава за нов мировен план на којшто работат Британија и Франција. Документот потоа ќе им биде претставен на САД. Планот предвидува учество на уште еден или двајца партнери во „коалицијата на подготвените“, кој вклучува разговори до каде ќе се повлече границата меѓу Украина и Русија, распоредување на 30 илјади мировни сили по склучувањето мир, но со комуникациска, логистичка и воздушна поддршка од САД, на што Вашингтон допрва треба да се согласи.

„Состанокот е можност да се обединиме на масава, како да постигнеме праведен и траен мир заедно, да се осигураме дека ќе се одбраниме од каква и да е руска агресија и на кој начин ќе доставиме повеќе поддршка за Украина. Зашто Русија и додека зборува за мир, се подготвува за постојана агресија“, изјави Кир Стармер-премиер на Обединетото Кралство.

„Затоа не само воена поддршка, туку обезбедување и на енергетскиот систем на Украина. Второ што го кажав на состанокот е дека под итно треба повторно да ја вооружиме Европа. Овој план за вооружување ќе им го изложам на лидерите на состанокот на европскиот совет на 6 март“, рече Урсула фон дер Лејен -претседателка на Европска комисија.

Полскиот премиер се заложил за повеќе европски сили во Финска, балтичките држави и долж границата на полска со Русија и Белорусија. Тој рече дека е потребно Европа да разбере дека е глобална сила.

„Слушнете сами како звучи: 500 милиони Европејци молат 300 милиони Американци да ги одбранат од 140 милиони Руси. Ако умееш да сметаш, сметај на себе. Не изолирано, туку со целосна свест за својот потенцијал. Денес, во Европа, не ни недостига економска сила, луѓе, туку верување дека сме глобална сила“, изјави Доналд Туск – премиер на Полска.

Москва експресно одби дека ваквиот британско-француски мировен договор може да стави крај на војната.

„Овој план на мировници во Украина е продолжение на поттикнувањето на режимот во Киев да води војна против нас. Како што го доведоа украинскиот претседател Зеленски на власт „на бајонети“ и го туркаат напред, сега сакаат да го поддржат со своите „бајонети“ во форма на мировни единици. Но, тоа ќе значи дека основните причини за конфликтот нема да исчезнат“, изјави Сергеј Лавров-министер за надворешни работи на Русија

За време на посетата на Лондон и средбата Стармер – Зеленски, потпишан е договор за заем од 2,2 милијарди фунти за поддршка на украинската одбрана.

Ирина Гелевска