Авиосообраќај

Прв лет Амстердам – Скопје по 12 години

03.03.2025 08:58

Трансавиа, втората по големина нискобуџетна авиокомпанија во Холандија, со база на аеродромот Шипхол во Амстердам, по повеќе од 12 години повторно ја воведе линијата од Амстердам до Меѓународниот Аеродром Скопје. Тие ќе летаат на релација Амстердам-Скопје-Амстердам два пати неделно, во четврток и во недела...

По 12 години пауза, Скопје се поврза по воздушен пат со Амстердам, откако холандската нискобуџетна авиокомпанија Трансавија  го реализираше првиот лет синоќа во 21 часот на Меѓународниот аеродром Скопје.

Холандската авиокомпанија ќе лета на релација Амстердам-Скопје-Амстердам двапати неделно, во четврток и во недела. Во четврток, авионите на холандската авиокомпанија ќе пристигнуваат на скопскиот аеродром во 9:35 часот, а ќе полетуваат кон аеродромот Шипхол во 10:25 часот. Во недела, Трансавиа ќе слетува во главниот град на Македонија во 20:45 часот, а ќе полетува кон главниот град на Холандија во 21:35 часот.

Од ТАВ Македонија истакнуваат дека оваа нова рута од Меѓународниот Аеродром Скопје ќе овозможи полесни патувања кон Амстердам за туризам, семејни посети и бизнис-цели, како и полесен пристап на патниците да истражуваат нови дестинации, со што ќе се зајакне туристичката индустрија во двете земји.