Театар

Полна сала за премиерата на „Жиголо“ и распродадени следни изведби во Битолскиот театар

03.03.2025 12:11

Во претставата играат Марјан Георгиевски, Соња Михајлова, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илиевски и Никола Пројчевски.

Во Битолскиот театар се одржа првата премиера за оваа година, „Жиголо“, праизведба на македонскиот текст од авторот Игор Кузмановски во режија на Благој Мицевски. Во претставата која е драма комедија се поставуваат прашањата: Што се сме спремни да направиме за љубовта? Дали постојат граници? Дали сме спремни да преминеме преку истите?.

„Ова е претстава за искреноста. Нешто што многу ни недостасува и сите го посакуваме. Всушност како неискреноста не води на еден пат, не става во еден вртлог во животот кој потоа тешко се контролира и од кој не може да се излезе. Се занимававме и со тоа што е сега актуелно, карактери позајмени од видео игрите, вештачката интелегенција, виртуелниот свет, кои не ставаат во машина која не носи во вртлогот на животот“, истакна режисерот Мицевски.

Во претставата играат Марјан Георгиевски, Соња Михајлова, Марија Стефановска, Маја Андоновска Илиевски и Никола Пројчевски.

„Жиголо“ е претстава што ги брише границите меѓу маската и вистината Некои приказни се кажуваат. Некои се шепотат. „Жиголо“ е онаа што не можете да ја избегнете – ќе ве најде во очите на ликовите, во паузите меѓу зборовите, во она што се гледа, но никогаш не се кажува гласно. Оваа претстава ја истражува тенката линија меѓу улогите што ги играме и луѓето што навистина сме. Желби што се кријат зад фасади, вистини што се разголуваат во мигот кога светлата ќе згаснат.

Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите на Благој Мицевски а музиката на Марјан Неќак, драматург е Оливера Павловиќ. Претставата е реализирана од сопствени средства. Следните изведби на „Жиголо“ за кои сѐ уште има влезници се на 21.03 и 24.03.

 

Фотографија: Ивона Кочов