УКРАИНА

Продолжува воената поддршка за Киев

03.03.2025 12:35

Лондон и Париз со сојузниците се договорија да работат на план за ставање крај на конфликтот во Украина. Продолжува воената поддршка за Киев, на што веднаш се спротивстави Кремљ. Не сакаме да ги прашуваме САД за тоа што може да направат за нас, важно е Европа во иднина да биде способна да ја обезбеди сопствената одбрана и безбедност, став на француското МНР. од Вашингтон велат дека мирот е можен само ако Путин е вклучен во преговорите. По жестоката расправа во овалната соба, Зеленски верува дека може да ги обнови односите со Трамп...

Обединетото Кралство, Франција и сојузниците ќе работат на план за ставање крај на конфликтот во Украина, кој потоа ќе им биде претставен на Соединетите Држави. На самитот во Лондон е договорено продолжување на воената помош за Киев и економски притисок врз Русија. Според француското МНР, важно е Европа во иднина да биде способна да ја обезбеди сопствената одбрана и безбедност за да не мора повторно да ги прашува САД што можат да направат за неа.

„На краток рок, за да се стави крај на руската агресивна војна во Украина, сакаме САД, со притисок, да го натераат Путин да дојде на преговарачка маса и еднаш засекогаш да ги прекине неговите империјалистички амбиции, кои ја приближија линијата на фронтот до нас. И, втората работа, не сакаме никогаш повторно да бидеме во ситуацијата во која се наоѓаме денес. Европа мора да биде способна да ја обезбеди сопствената одбрана и безбедност“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Унгарскиот премиер Орбан изјави дека во Лондон била донесена одлука за продолжување на војната во Украина. Слични тонови и од Русија. Од Кремљ велат дека ветувањата на европските лидери за зголемување на финансирањето на Киев нема да помогнат да се постигне мирно решавање на конфликтот.

„Имаше изјави дека е итно неопходно да се обезбеди зголемено ниво на финансирање за Украина. Очигледно не е за мировен план, туку за продолжување на непријателствата. Ова е наше разбирање. А останатото ќе зависи од тоа кои мировни планови ќе бидат изготвени и кои мировни планови ќе бидат ставени на дискусија“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во истовреме, американскиот државен секретар Рубио истакна дека мирот може да дојде во Украина само ако Путин е вклучен во преговорите.

„Единствениот начин да заврши војната е ако Владимир Путин дојде на преговарачка маса. И токму сега, претседателот Трамп е единствената личност на земјата кој има шанса да го доведе на маса за да видиме на што би бил подготвен да ја заврши војната“, изјави Марко Рубио, државен секретар на САД.

Зеленски верува дека може да ги обнови односите со Трамп по жестоката расправа во Овалната соба. Посочи дека разговорите треба да продолжат во поинаков формат и дека сè уште е подготвен да потпише договор за ретките метали, со надеж дека и САД се подготвени.

„Ни треба мир, а не бескрајна војна. И затоа велиме дека безбедносните гаранции се клучот за ова. Во блиска иднина, сите ние во Европа ќе ги обликуваме нашите заеднички позиции – цели што мора да ги постигнеме и прашања за кои не можеме да правиме компромиси. Овие позиции ќе им бидат претставени на нашите партнери во САД“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Во меѓувреме, американскиот секретар за одбрана, Хегсет, нареди запирање на сајбер операциите против Русија, во обид да ги обнови односите со Москва и да постигне договор за мир во Украина, објави Њујорк Тајмс.

 

Маријана Димовска