Економија

ССМ бара минималец од 500 евра, работодавците отворени за дијалог ако помогне државата

03.03.2025 15:32

Покачување на минималната плата за шест илјади денари, Сојузот на синдикатите предлогот го адресира до Владата. Работодавците се отворени за дијалог ако државата помогне со субвенции…

Сојузот на синдикати бара минимална плата од 500 евра. Придонесите за разликата од сегашниот минималец до 30.000 денари да ги субвенционира државата. Велат, тоа ќе иницира зголемување и на другите плати. Барањата за повисок минималец ги темелат на зголемените трошоци за живот, кои според нив само за една година пораснале за 100 евра.

Синдикатите бараат растот на нето-платата од 6.000 денари да биде задолжителен и за газдите во приватниот сектор.

Работодавците се отворени за дијалог ако државата помогне со субвенции, во спротивно велат-тешко до минималец од 500 евра.

Владата ги остави на маса работниците и бизнис-еснафот сами да се договорат за зголемувањето на минималната плата, со став дека ќе ја прифатат одлуката, но субвенционирање придонеси не е на агендата.

Минималната плата месецов ќе се усогласи, а според пресметките зголемувањето ќе биде 1.800 денари.

Борис Грујоски