ДЗС: 17,8% раст на извозот во првите шест месеци

05.08.2014 13:32

Од Македонија најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникел, сетови на проводници за палење и слично, за возила...

Вредноста на извозот од Македонија во првите шест месеци од годинава изнесува 2.357.790.000 американски долари и бележи раст од 17,8 проценти, објави Државниот завод за статистика.
 
Според објавените податоци, увозот во овој период изнесува 3.551.715 илјади американски долари и бележи раст од 11,5 проценти. Покриеноста на увозот со извоз е 66,4 проценти. Трговскиот дефицит изнесува 1.193.925 илјади американски долари.
 
Од Македонија најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникел, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производи од железо и челик (валани производи) и облека. Во увозот најмногу се застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
 
Во периодот јануари-јуни 2014 година, најмногу 78,8 отсто се извезувало во земјите од ЕУ, потоа 13,7 отсто во земјите од Западен Балкан, а во увозот на стоки најголемо учество 64,5 отсто, исто така, имаат земјите членки на ЕУ.
 
Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија со кои е истргувано 52,8 отсто од вкупната надворешно-трговската размена.
 
Во јуни годинава вредноста на извозот е 400.760 илјади американски долари, а на увозот 564.933 илјади американски долари.