Нова распределба на геополитичките интереси
Политичкото разногласие во ЕУ и недоволните воени капацитети да ѝ се понудат на Украина не овозможуваат примирје, е ставот на дел од познавачите. Очекуваат претстојниот Самит во Брисел ќе треба да ги даде контурите на финансискиот терет кој ќе треба да го понесе Европската унија во зајакнување на својата воена моќ.

Европа во моментов не е силен геополитички играч – оценува директорот на Институтот за демократија Марко Трошановски. Според него продолжувањето на конфликтот само со поддршка од Европската унија, без САД е невозможна. Политичкото разногласие во ЕУ, и недоволните воени капацитети да ѝ се понудат на Украина не овозможуваат примирје. Клучен е геополитичкиот интерес на американската администрација да ја доближи Русија, во своето економско ривалство со Кина, кое може на долг рок да ја загрози и функционалноста на НАТО-смета Трошановски.
„Новите замисли и идеи на американската администрација за геополитичка распределба која сака да ја приближи Русија по секоја цена во контекст на нејзиното ривалство со Кина, а тоа пак е спротивно директно со европските интереси што може да напари НАТО да потенцијално да биде нефункционално во иднина. Дали тоа допира до свеста на американските челници е прашање за милион долари. Мислам дека Украина по секоја цена да преговара со САД без разлика на фијаското пред некој ден. Мислам дека и тие се свесни без американскиот воено присуство, а преку експлоатацијата на ресурсите, е под закана на губење на територии, Европа не може да испорача такви гаранции на краток рок. Како што кажа Зеленски денес за експлоатацијата на ресурсите е многу поголема, изјави Трошановски.
Претстојниот самит во Брисел ќе треба да ги дадат контурите на финансискиот терет кој ќе треба да го понесе Европската унија во зајакнување на својата војна моќ. Безбедноста на континентот зависи од тоа ЕУ да го зголеми своето присуство во соседството и да ја факторизира својата моќ-оценува дипломатот Драган Тилев. Според него во моментов е најважно европските лидери да демонстрираат единство во одлучувањето.
„Новата геополитичка слика, бара ЕУ да го заземе своето место по сите линии и финансиски и воено за да може да го обезбеди мирот на територија на континентот во партнерство со САД. Секој сака во Украина да престане војната, да се договорат мировните услови. Очекувам дека ќе има единство. Ако ЕУ е разединета, глобално ќе се дефакторизира. Она за што се свикува обезбедување на финансиски средства за да се вбризгаат во одбранбениот систем, а тоа е предусловот за да се игра сериозна игра во обезбедување на мирот во Украина, изјави Драган Тилев.
Во моментов состојбата е прекомплексна за да се прогнозира дали прво ќе се потпише договор за искористување на украинските минерали, кој ќе подразбираат безбедносни гаранции од САД, но јасно е дека Америка е лидер во обезбедувањето на мирот и балансот во светот, без конкуренција – вели Тилев.
Марина Стојанова-Тонева
